Вие имате прво да ја знаете вистината

На анти-ваксерите им се заканува затворска казна до пет години во Русија, почнува казнувањето на оние кои шират пропаганда против имунизацијата

Директори на 11 големи болници во Русија напишаа отворено писмо упатено до сите антиваксери, како и до оние политичари и другите познати личности кои се сомневаат во ефикасноста на вакцинацијата. Тие им порачаа да ги посетат црвените зони на медицинските установи и да ги видат пациентите, како и последиците од Ковид-19 вирусот.

Помеѓу поканетите се комунистичкиот лидер Генадиј Зјуганов, потоа претседателот на „Праведна Русија“ Сергеј Миронов, потпретседателот на парламентот Петар Толстој, како и група познати актери и музичари кои јавно го искажуваат својот анти-ваксерски став.

Државната здравствена организација, која меѓу другото се занимава со контрола на здравствената состојба, во средата доставила информации до државното обвинителство и до Истражниот комитет за 37 лица кои јавно водат кампања против вакцинацијата на граѓаните. Доставените информации се прилично чудни, бидејќи според нив, има само еден анти-ваксер во Санкт Петербург и Ленинградската област, како и во областа Томск и Јакутија, додека во Карелија има дури 18 анти-ваксери.

Списокот на анти-ваксери е направен врз основа на појавувањата во медиумите, како и активностите на социјалните мрежи. Властите се особено загрижени дека голем број медицински лица лажно шират информации за штетноста на вакцината против Ковид-19.

За ширење лажни информации кои би можеле да ги загрозат животите на луѓето се предвидени казни од 300.000 до 700.000 рубли, како и 360 часа задолжителна опшествено-одговорна работа. А доколку во случаи кога лажните информации доведуваат до опасност по животот, казната е предвидена од 700 илјади до еден милион рубли. Предвидена е и затворска казна до три години. Анти-ваксер кој ширел лажни информации и поради негова вина некој умрел, може да добие затворска казна и до пет години.

Директорот на Центарот за епидемиологија и микробиологија Гамалеја, академик Александар Гинзбург го поддржа предлогот за одземање на дипломите на докторите кои ги убедуваат граѓаните да не се вакцинираат. Рускиот сенатор и магистер по медицински науки Александар Башкин предложи доживотно да им се одземат дипломите на докторите кои ги убедуваат луѓето да не се вакцинираат против Ковид-19.

Во Русија во последните недели е забележан рекорден број на смртни случаи како последица од Ковид-19. Медицинската статистика покажува дека главно луѓето кои починале биле невакцинирани. Лекарите од црвената зона објаснуваат дека вакцинираните главно полесно го преболуваат вирусот, иако се заразени. А особено изложени на ризик се луѓето кои имаат хронична болест а се не вакцинирани.

Рускиот претседател Владимир Путин, кој пред неколку дена ја прими ревкацинацијата, бидејќи поминаа повеќе од шест месеци од неговата вакцинација, е против воведувањето на задолжителна вакцинација. Тој смета дека докторите, но и другите луѓе на кои народот им верува и има доверба, со својот пример треба да им покажат на граѓаните дека треба да се вакцинираат и на тој начин да се заштитат од опасниот вирус.

 

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!