Вие имате прво да ја знаете вистината

Семафорот е вклучен, Олаф Шолц ќе биде новиот канцелар на Германија, падна новиот коалициски договор помеѓу СПД, ФДП и Зелените!

Трите водечки партии во Германија – Социјал-Демократите (СПД), Либералите (ФДП) и Зелените, потпишаа заеднички договор за формирање трипартиска влада, а предводена од лидерот на СПД, Олаф Шолц.

Семафорот е вклучен – изјави Шолц, со што и официјално започна процедурата за формирање на првата влада по Меркел.

Германија ќе ја добие така наречена коалиција „семафор“ која ќе ја сочинуваат СПД, ФДП и Зелените. Партиите исто така се договорија и за распределбата на министерствата, што покажува дека СПД ќе добијат канцелар и шест министерски места, Зелените пет, а ФДП четири министерски места.

Партијата на Олаф Шолц ќе ја добие канцеларската позиција, како и членовите на кабинетот на премиерот. Освен тоа, СДП ги добиваат и Министерството за одбрана, Министерството за градежништво, Министерството за труд и социјала, Министерството за здравство и Министерството за економска соработка.

Додека Зелените ќе раководат со Министерството за економија и клима, Министерството за надворешни работи, Министерството за семејство, Министерството за земјоделство и Министерството за животна средина. 

На ФДП им се доверени раководствата на Министерството за финансии, Министерството за правда, Министерството за транспорт и Министерството за образование и истражување.

Утрово започна завршната седница на коалициските преговори, а договорот е финализиран. Партиите најавија дека Шолц ќе го претстави договорот заедно со шефовите на СПД и лидерите на Зелените и ФДП.

Договорот ќе биде ставен на разгледување кај останатите партии, при што Зелените планираат да ги консултираат сите свои членови, додека СПД веќе закажа вонредна партиска конференција за 4ти декември, на која ќе одлучи дали ќе го прифати коалицискиот договор. ФДП планира да го стори истото на својата партиска конференција на 5ти декември.

Доколку сите партии одобрат, Шолц ќе биде избран за нов канцелар во недела, а ќе започне со работа на 6ти декември, придржувајќи се до планираната временска рамка на партиите.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!