Вие имате прво да ја знаете вистината

Повеќето Европски држави го затворија воздушниот сообраќај со Јужна Африка поради новата варијанта на Ковид-19

Европската Унија сака нејзините земји-членки да го запрат воздушниот сообраќај со Јужна Африка и неколку околни земји поради појавата на нова варијанта т.е. мутација на Ковид-19.

Новата варијанта на Ковид-19 во таа земја предизвика меѓународна загриженост, а Европската Унија во петокот соопшти дека ќе побара од земјите-членки да го запрат воздушниот сообраќај од јужноафриканскиот регион.

Германија ја прогласи Јужна Африка за област со нова мутација на вирусот и од петок навечер на авиокомпаниите ќе им биде дозволено да превезуваат само Германци од земјата, напиша министерот за здравство Јенс Шпан на социјалната мрежа Твитер.

Но и тогаш, 14 дена карантин ќе важи за сите, вклучително и за оние кои биле вакцинирани, додаде Шпан во својата објава.

Соопштението следи по низа слични потези на Велика Британија, Израел и Сингапур, кои во петокот воведоа нови ограничувања за патување, откако беше откриена новата варијанта во Јужна Африка.

Велика Британија најави дека веднаш ќе ги прекине летовите од Јужна Африка, Намибија, Лесото, Боцвана, Есватини и Зимбабве. Израел, исто така, ќе го запре влезот од тие земји, како и Мозамбик. Израелците што се враќаат ќе мора да бидат ставени во задолжителен карантин.

Јапонија, пак, исто така се одлучи на слични мерки, одлучувајќи да ги заостри граничните контроли за посетителите од Јужна Африка.

Индиското Министерство за здравство издаде предупредување за новата мутација, иако патувањето од Јужна Африка сè уште не е суспендирано. Оваа варијанта има значително голем број мутации и затоа има сериозни последици по јавното здравје во земјата, со оглед на неодамна олеснетите визни ограничувања и отворањето на меѓународните патувања – изјави министерот за здравство на Индија, Рајеш Бушан

Како резултат на тоа, сите патници кои доаѓаат во Индија од ризичните земји мора да бидат подложени на ригорозни прегледи и тестирања, нареди Министерството.

Јужноафриканскиот национален институт за заразни болести (NICD) потврди дека има 22 потврдени случаи на варијанта В1.1.529 и соопштија дека се очекуваат уште повеќе.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека тоа е една од контролираните варијанти.

Според техничкиот раководител на СЗО за Ковид-19, Марија Керхове, сепак ќе бидат потребни неколку недели за да се утврди дали треба да се смета како варијанта на интерес или варијанта на загриженост.

Секој што е таму мора да разбере дека колку повеќе овој вирус циркулира, толку повеќе има можности за промени и можеме да очекуваме повеќе мутации – додаде таа.

Во моментов, само 6,6 отсто од луѓето на африканскиот континент се целосно вакцинирани. Сепак, стравувањата растат и во областите со многу повисока стапка на вакцинација.

Во четвртокот, британскиот министер за здравство, Саид Џавид, посочи дека постоечките вакцини би можеле да бидат помалку ефикасни против нова варијанта на вирусот.

Џон Нкенгасонг од Африканскиот центар за контрола и превенција на болести (Африка ЦДЦ) изјави дека податоците сè уште треба да се истражат и проценат.

Мораме да направиме повеќе студии, не знаеме многу за овој вирус. Мораме многу внимателно да ги разгледаме овие податоци пред да ги објавиме – изјави Нкенгасонг.

Според африканскиот ЦДЦ, досега на континентот се регистрирани вкупно околу 8,6 милиони инфекции луѓе, а 222.000 луѓе починале како резултат на инфекција со Ковид-19.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!