Вие имате прво да ја знаете вистината

Што предвидува „новата ера“ за Германија ? Легализација на марихуаната, полесно доаѓање до држвјанство, поефтини станови !?

За прв пат по 16 години, Германија ќе има левичарска влада и нов канцелар, Олаф Шолц, социјалдемократ кои ќе ја замени Ангела Меркел, канцеларката која доаѓа од десниот центар, и канцеларката која ја направи Германија незаменлива во Европа и во светот.

Новиот лидер ја водеше кампањата главно убедувајќи ги гласачите дека ќе биде како неговиот претходник. Германија веќе во декември треба да добие нова коалициска влада составена од социјалдемократите, либералите и зелените, а предводена од канцеларот Олаф Шолц од редовите на СПД.

Политиките што тие ветија дека ќе ги спроведат ни кажуваат дека ништо нема да се промени драматично во Германија, но така наречената коалиција семафор, сепак ќе донесе одредени промени кои веќе, во најавата, предизвикаа внимание и интерес во Европа – од зголемување на минималната плата до легализација за продажба на марихуана.

Една од точките во коалицискиот договор што успеа да го привлече вниманието на европските медиуми и јавноста се однесува за легализацијата на канабисот. За потсетување, употребата на канабис за медицински цели е легално во Германија од 2017 година.

Регулативата сега ќе биде проширена за да овозможи контролирано снабдување со канабис за возрасни во лиценцирани продавници, велат партиите во коалицискиот договор. Ова ќе ја однесе Германија најдалеку од сите земји на ЕУ во однос на легализацијата на марихуаната.

Неколку дена пред партискиот договор за формирање влада, медиумите објавија резултати од истражување во кое се тврди дека со легализација на канабисот, Германија ќе оствари комбинирани заштеди и дополнителни приходи од 4,7 милијарди евра годишно и отворање на 27 илјади нови работни места.

По четири години, владата ќе го процени општественото влијание на ваквата регулатива и, очигледно, соодветно ќе одлучи за понатамошни потези.

Паралелно со дозволувањето на рекреативна потрошувачка и дистрибуција на канабис во лиценцирани продавници, партиите најавуваат построги правила за рекламирање алкохол, тутун и канабис, како и зајакнување на превентивните програми наменети за заштита на децата и младите.

Едно од клучните барања на СПД, е зголемувањето на минималната саатница, кое што влезе во коалициски договор. Идниот канцелар Шолц ова го најави како една од првите мерки кое ќе го оствари во првата година од неговиот мандат. Наместо досегашните 9,60 евра по час, минималната плата, според договорот, ќе се покачи на 12 евра по час.

Соочени со станбената криза, која неодамна ескалираше во Берлин – жителите на главниот град на референдум ја поддржаа идејата на градските власти да го преземат управувањето со становите во сопственост на големи компании за недвижности – новата коалициска влада планира значителни инвестиции во таа област. Планирано е да се градат по 400 илјади нови станови годишно, од кои сто илјади се јавно субвенционирани станови. Со тоа очигледно наведуваат дека ќе го намалат притисокот врз цените на становите и кириите.

Како што е најавено, најголемата европска економија до 2030 година, осум години порано од планираното, треба да се откаже од јагленот како извор на енергија, што беше барање на Зелените, но во коалицискиот договор ова не стои многу идеално што сугерира дека има простор за маневрирање.

До крајот на деценијата 80 отсто од енергијата треба да доаѓа од обновливи извори, што е значителен скок – во првата половина од годинава уделот на обновливите извори беше нешто над 40 отсто.

Силното префрлање на економската моќ кон обновливите извори на енергија ќе влијае и на другите земји од ЕУ, исто како што ќе биде подеднакво важно како новата германска влада ќе пристапи кон реформите на европските правила за јавниот долг и дефицит.

Според постоечките правила, долгот и дефицитот се строго ограничени за да се спречи прекумерното трошење на буџетот. Сепак, ЕУ во моментов дебатира за олабавување на овие строги регулативи (кои се привремено укинати поради пандемијата).

Партиите дополнително се согласија да го поедностават стекнувањето германско државјанство за имигрантите и да дозволат повеќе државјанства, исто така и ова е дел од коалицискиот договор. Според толкувањето на медиумите, тоа значи дека т.е. коалиција семафор ќе овозможи двојно државјанство за граѓани од земји кои не се членки на Европската Унија.

Двојното државјанство, во принцип, сега е забрането во Германија, но има исклучоци, на пример за државјани на други земји-членки на ЕУ.

Олеснувањето на стекнување со германско државјанство ќе се постигне и со скратување на роковите – наместо претходните осум години, државјанство во иднина би можело да се бара по пет години легален и регулиран престој во Германија, а во посебни околности по само три години.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!