Вие имате прво да ја знаете вистината

Состанок на министрите за надворешни работи на државите членки на НАТО, главен фокус Русија!

Министрите за надворешни работи на државите членки на НАТО утре ќе започнат дводневен состанок на кој ќе разговараат за низа прашања, вклучително и зајакнувањето на руската војска во близина на украинската граница.

Со состанокот во Рига ќе претседава генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Се очекува Русија да биде во фокусот на вниманието на средбата по неодамнешното зајакнување на руското воено присуство во близина на украинската граница.

Лидерите на НАТО отворено ја обвинуваат Русија дека предизвикува сериозни закани со нејзините воени активности околу украинската граница и на Крим, кој незаконски беше анектиран во 2014 година.

Русија мора да покаже транспарентност, да ги намали тензиите и да деескалира, изјави Столтенберг минатата недела.

Тој исто така изјави дека министрите за надворешни работи на НАТО ќе разговараат и за мигрантската криза на границата со Белорусија, додавајќи дека кризата е предизвикана од циничната злоупотреба на ранливите луѓе за да се изврши притисок врз сојузниците на НАТО, односно Полска, Латвија и Литванија.

Министрите на НАТО ќе разговараат и за безбедносната ситуација во Авганистан, Украина и Грузија, како и за улогата на НАТО во промовирањето на стабилноста и безбедноста во регионот на Западен Балкан.

На некои од седниците на состанокот ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи на Шведска, Финска, Грузија и Украина, кои не се членки на НАТО.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!