Вие имате прво да ја знаете вистината

Голем протест против мерките за корона во Брисел: 8.000 луѓе излегоа на улиците

Илјадници демонстранти, 8.000 според проценките на полицијата, излегоа на улиците на Брисел денска за да го изразат незадоволството од начинот на кој владата се справува со здравствената криза во Белгија, две недели откако слични вакви протести беа проследени со насилства.

Поворката демонстранти мирно маршираше низ улиците на главниот град на Белгија во попладнево, опкружена од бројни припадници на полициските сили. Повеќето од демонстрантите танцуваа во ритамот на техно музиката.

„Не благодарам за вакцините“, „Ковид = организиран геноцид“, „QR = свастика“, можеше да се прочита на транспарентите истакнати на демонстрантите. „Не ни треба вакцина за нашите деца“, скандираа група жени.

Демонстрантите ги осудуваат обврските наметнати врз населението од почетокот на пандемијата на Ковид-19 за спречување на понатамошното ширење на вирусот. Граѓаните особено ги мачи обврската да имаат здравствена пропусница(сертификат), која стана задолжителна за пристап до повеќето места. Демонстрантите ја искористија можноста да го критикуваат и медиумското покривање на кризата.

Припадниците на интервентната полиција со штитови и шлемови беа распоредени во Европскиот кварт каде се наоѓаат институциите на ЕУ. Неколку улици беа блокирани со огради и бодликава жица.

На некои места во градот беа поставени водени топови, а регионите каде што се одржуваа демонстрациите ги прелетуваше и хеликоптер.

Пред две недели, полицијата беше изненадена од обемот на протестите, а потоа не успеа да го спречи насилството и немирите.

Под името „Чин втор, марш за слобода“, демонстрантите продолжуваат да го изразуваат незадоволството од владините мерки. Првиот „чин“ беше одигран на 21 ноември, кога на улиците на главниот град се собраа околу 35.000 луѓе, според полицијата.

И тогаш поворката мирно маршираше низ улиците на градот, но набрзо мирните протести прераснаа во насилство и немири. На протестите учествуваа симпатизери и екстремни десничарски активисти, а беа забележани и бројни фламански националистички знамиња.

Слични протести беа организирани во неколку европски градови за време на викендот, особено во Холандија и Австрија. Тоа е реакција на одлуките на нивните влади да ги зголемат рестриктивните мерки и да воведат нови ограничувања поради зголемениот број новозаразени со коронавирус.

Белгиските власти во петокот објавија одлука за затворање на градинките и основните училишта на една недела пред почетокот на божиќните празници.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!