Вие имате прво да ја знаете вистината

Идиличниот остров претворен во прашина и пепел, потрагата по исчезнатите продолжува: „Заканата сè уште не е завршена“

Вулканот Семеру во Индонезија продолжи да исфрла големи количества пепел и денеска, неколку дена по силната ерупција во која загинаа 15 луѓе, додека потрагата по десетици исчезнати луѓе е отежната поради лошите временски услови.

Највисоката планина на островот Јава силно еруптираше во саботата, фрлајќи огромно количество пепел во небото над околните села.

Бројот на загинати се искачи на 15, а 27 се водат како исчезнати, соопшти денес Индонезиската агенција за управување со катастрофи.

Вулканот повторно еруптираше утрово, потврди на Твитер Индонезискиот центар за вулканологија и геологија (ПВМБГ), предупредувајќи на континуирана сеизмичка активност.

„Семеру е еден од најактивните вулкани во Индонезија. Пред и по ерупцијата на 4 декември, тој ќе продолжи со својата активност“, изјави Лисванто, шеф на опсерваторијата на вулканот Семеру, за Ројтерс.

Некои загрижени жители се вратија во своите домови за да ги проверат своите имоти и добиток, а Лисванто ги повика да бидат внимателни.

„Луѓето треба да бидат повнимателни бидејќи потенцијалната закана сè уште постои“, додаде тој.

Во областа Самбервулух, спасувачките тимови се мачеа со лошите временски услови додека се обидуваа да ги извлечат жртвите од урнатините.

„Баравме девет исчезнати лица во ова село и фала му на Бога, ги најдовме (телата) на три жртви“, рече Естианто Хедриантоно, шеф на локалната потрага. Тој додаде дека дополнителен предизвик е „што биле заробени под трупци и камења, а земјата е сè уште жешка“.

Луѓето објавуваа фотографии од нивните исчезнати роднини на Фејсбук и бараа какви било информации за нив.

Падот на лава по ерупцијата во саботата уништи мост што поврзува две области во блиската област Лумајанг со градот Маланг, што ги отежнува спасувачките напори.

Обезбедени се оброци и медицинска помош за повеќе од 1.700 евакуирани.

Тим за третман на траума е испратен на терен за да им помогне на децата погодени од ерупцијата, објави Си-Ен-Ен Индонезија, а во областа се испратени стотици пакети со помош, вклучувајќи ориз, ќебиња, облека и други основни потреби.

Семеру е еден од повеќе од 100-те активни вулкани во Индонезија, земја што се протега низ Огнениот прстен на Тихиот Океан, област со висока сеизмичка активност.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!