Вие имате прво да ја знаете вистината

Мегапроект во Париз: До Олимписките игри во 2024 година, реката Сена треба да биде чисто место за пливање

Новиот проект започнат во Париз би можел да помогне на француската престолнина конечно да го постигне својот долгогодишен сон, но неостварлива сон – да ја направи реката Сена доволно чиста за пливање. Овој потег беше планиран уште во 1988 година, но неуспешно пропадна затоа што тогашниот градоначалник Жак Ширак не го исполни ветувањето што им го даде на граѓаните – дека во рок од пет години ќе може да се плива во Сена.

Меѓутоа, во 2017 година, градот отвори капацитети за капење покрај заштитениот канал Сен Мартин, кој минува низ источен Париз, но дури и овој помал воден пат често мораше да биде затворен во периоди кога нивото на бактерии во водата беше превисоко.

Но, изгледа дека Париз сега конечно има долгорочен план кој би можел трајно да го отстрани загадувањето на оваа река. До Летните олимписки игри закажани за во 2024 година, Сена треба да стане место каде што може да се одржуваат натпревари. Затоа Париз на левиот брег на реката, под јавна градина во близина на метро станицата Gare d’Austerlitz, гради огромен подземен резервоар за складирање на дождовницата за да спречи излевање на отпадните води во реката за време на обилните дождови.

Новиот резервоар за дождовница вреден 1,4 милијарди евра ќе има капацитет од 46.000 кубни метри и ќе може да собира 30 пати повеќе вода отколку што е потребно за полнење на Олимпискиот базен. Целосно невидливи на површината, подземните цевки ќе бидат поврзани со канализацијата од двете страни на Сена. Најавено е дека овој резервоар ќе ја пумпа својата содржина назад во системот во рок од 24 часа по обилните дождови.

Иако новиот проект ќе го намали количеството отпадна вода што се испушта во реката, градот проценува дека 100.000 кубни метри годишно ќе завршуваат во Сена – поради што реката сепак треба да се избегнува по обилните врнежи.

Парискиот канализациски систем од 19 век ја меша канализацијата со дождовницата, а за време на обилни врнежи, оваа измешана вода и отпад се испуштаат во Сена преку 44 одводи. Повеќе од два милиони кубни метри вода загадена со отпадни води на овој начин влегуваат во реката, оставајќи ја „заразена“ со многу штетни бактерии.

Иако Ширак од 80-тите не успеа да го исполни ветувањето дека ќе плива во Сена, го подобри канализациониот систем кој сепак значително го намали загадувањето. До денес, бројот на видови риби кои живеат во реката е значително зголемен, но пливањето во урбаните делови на реката се уште е нелегално поради бактериолошки ризици, но и бродовите кои патуваат таму и претставуваат безбедносна закана за луѓето. Голема опасност доаѓа и од излевањето на отпадните води, кои најверојатно ќе зачестат поради се поинтензивните врнежливи периоди и најавените климатски промени.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!