Вие имате прво да ја знаете вистината

Зеленски ги зголемува тензиите: Можеме да се спротивставиме на рускиот напад, веруваме во нашата сила

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, по повод Денот на вооружените сили изјави дека украинските вооружени сили можат да го одбијат секој руски напад.

„Припадниците на вооружените сили на Украина ќе продолжат да ја исполнуваат својата најважна мисија – да ја бранат слободата и суверенитетот на државата од рускиот агресор“, рече Зеленски во изјавата.

„Украинската армија верува во сопствената сила и може да спречи каков било план за освојување од страна на непријателот“, додаде тој.

Русија распореди големи воени сили во близина на границата со Украина, но ги отфрла обвинувањата дека подготвува офанзива.

Украина денес ја одбележува 30-годишнината од основањето на независна армија, откако во 1991 година прогласи независност од поранешниот Советски Сојуз.

По тој повод во Киев, Лавов и Одеса на јавноста ќе и бидат претставени американските воени возила Хамви. Во Одеса ќе се одржи свечено примо-предавање на патролните бродови на американската крајбрежна стража, што ќе ги зајакне капацитетите на украинската морнарица.

Украина го повика НАТО да го забрза пристапот, но лидерите на НАТО бараат прво реформи и антикорупција.

Москва го предупредува Западот да не ги преминува нивните „црвени линии“ и да го запре ширењето на НАТО на исток.

По повод Денот на вооружените сили, Зеленски ќе го посети Харков, центарот на украинското производство на оружје, а и регионот на Донбас, каде што украинската армија се бори против проруските сепаратисти.

14.000 луѓе загинаа во борбите од 2014 година.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!