Вие имате прво да ја знаете вистината

Град избришан од лицето на земјата: „Како воз да рикаше, сè исчезна, требаше да газиме по мртвите за да дојдеме до живите“

Во Кентаки е прогласена вонредна состојба и се стравува дека во таа држава загинале повеќе од 100 луѓе, изјави во саботата гувернерот Енди Бешеар откако разорното торнадо остави домови и деловни објекти во урнатини во неколку американски сојузни држави.

Разорните торнада уништија фабрика за свеќи во Мејфилд, Кентаки, уништија дом за стари лица во соседниот Мисури и убиле најмалку шест работници во складиштето на Амазон во Илиноис.

Гувернерот на Кентаки Енди Бешеар рече дека ова се најразорните торнада во историјата на државата. Околу 40 работници беа спасени од фабриката за свеќи во која имаше повеќе од 100 луѓе, а Бешеар вели дека ќе биде „чудо“ доколку спасувачите извлечат уште живи работници од урнатините.

„Веројатно ќе има повеќе од 100 животи изгубени овде во Кентаки“, рече Бешеар на прес-конференција.

„Сè што му беше на патот исчезна. Куќи, фирми, владини згради – тие само исчезнаа“, рече Бешеар откако излезе на терен.

Гувернерот прогласи вонредна состојба во Кентаки во саботата и повика на итна помош за таа држава.

Американскиот претседател Џо Бајден ја одобри вонредната состојба во Кентаки. Бајден им рече на новинарите во саботата вечерта дека ќе стапи во контакт со Агенцијата за заштита на животната средина за да ја истражи врската помеѓу климатските промени и бурите и покрена прашања за предупредувањата за торнадо.

„Дали имаше предупредување? И дали беше доволно силно и дали реагираа на истото?“, се прашуваше Бајден. „Ова е трагедија. И сè уште не знаеме колку животи се загубени и вистинската големина на штетата“, рече Бајден.

Бешеар рече дека 189 членови на Националната гарда се на теренот, а спасувачките напори се фокусирани на Мејфилд, дом на 10.000 жители.

Командантот на противпожарната служба Џереми Крисон, чија пожарна станица беше уништена, рече дека пожарникарите во фабриката за свеќи „морале да ги преминат жртвите за да стигнат до преживеаните“.

Пејџ Тингл рече дека возела четири часа до таа фабрика со надеж дека ќе ја најде 52-годишната мајка Џил Монро која работела таму. „Не знаеме што да мислиме, страшно сме нервозни. Се обидуваме да ја најдеме, ова е катастрофа“, рече таа.

Невообичаено високите температури и влажноста создадоа услови за екстремни временски услови во овој период од годината, изјави Виктор Џенсини, професор по географски и атмосферски науки на Универзитетот во Северен Илиноис.

„Ова е историски, ако не и генерациски настан“, рече Џенсини.

Едно лице загина, а пет се тешко повредени откако торнадо уништи дом за стари и изнемоштени лица во Монет, Арканзас, изјави водачот на округот Крегхед, Марвин Деј.

„Благословени сме затоа што нема повеќе мртви или повредени. Можеше да биде многу полошо“, изјави Деј за Ројтерс.

Неколку милји подалеку во Личвил, уште едно лице беше убиено, а голем дел од центарот на градот беше уништен, рече поручникот Чак Браун.

„Навистина звучеше како воз да рика низ градот“, рече Браун.

Најмалку шест работници се убиени во складиште на Амазон во Едвардсвил, Илиноис, а 45 се безбедни надвор од складиштето, потврди началникот на противпожарната служба Џејмс Вајтфорд. Тој додаде дека потрагата продолжува, но не очекува други преживеани.

Најмалку три лица загинаа во невремето во Тенеси, изјави Дин Фленер, шеф на агенцијата за управување со кризи.

Центарот за предвидување бури на Националната метеоролошка служба соопшти дека примил 36 извештаи за торнада во Кентаки, Илиноис, Тенеси, Мисури, Арканзас и Мисисипи.

Речиси 99.000 луѓе во Кентаки и повеќе од 70.000 во Тенеси се без струја од саботата попладне, според PowerOutage.US.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!