Вие имате прво да ја знаете вистината

„Секој ден стануваме посиромашни“: Илјадници турци протестираат против инфлацијата

Повеќе од 5.000 луѓе протестираа денес во Истанбул против инфлацијата и падот на куповната моќ на првиот голем митинг против нарушувањата во турската економија.

На повик на водечките синдикати, демонстрантите изразија незадоволство од нестабилноста на турската лира и инфлацијата, која според официјалните ноемвриски податоци, порасна на 21,3 отсто за една година.

Опозицијата и некои аналитичари ја доведуваат во прашање веродостојноста на официјалните податоци и го обвинуваат Националното биро за статистика (ТУИК) дека ги потценува вистинските бројки.

Вистинската годишна инфлација е повеќе од 58 отсто, покажува студијата на ENAG (Inflation Research Group), која вклучува независни економисти.

Сликата ја прави уште помрачна турската лира, која од почетокот на годината изгуби над 45 отсто од вредноста во однос на доларот и речиси 30 отсто од октомври.

„Секој ден стануваме посиромашни, но сè е во ред, велат господата што ја водат земјата, а ние не можеме веќе да ги подмириме нашите потреби. ТУИК велат дека инфлацијата е само 21 отсто. Немојте да го потценувате паметот на работничката класа“ рече Арзу Черкезоглу, претседател на ДИСК (Конфедерација на револуционерни работнички синдикати) во говорот пред насобраните.

„Веќе не можеме да врземе крај со крај (…) не можеме да излеземе од тоа“, рече Сибел Чилик, работник во фабрика за автомобили.

Демонстрантите бараат зголемување на минималната нето плата, која сега изнесува 2.825 лири (179 евра), на 5.200 лири (331 евро) и извикуваат слогани барајќи оставка од владата.

„Владата мора да си оди затоа што за да си ги наполни своите џебови, ги празни нашите. Затоа сме на улица, да им кажеме „доста беше!“ – вели Фатма, вработена во градската општина.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!