Вие имате прво да ја знаете вистината

Во Македонија жените телефонираат, а мажите повеќе користат интернет: За 100 проценти зголемено онлајн купувањето

Користењето на интернет и онлајн купувањето во земјава годинава бележи раст, а интернет банкарството се користело за 104 проценти повеќе за разлика од лани.

Интернет пенетрацијата во првото тримесечје од годинава е зголемена на 83,7 проценти опфат на домаќинствата наспроти 79,9 отсто во истиот период минатата година. Годинава, во истиот период 86,4 проценти од Македонците на возраст од 15 до 74 години користеле интернет, наспроти 81,4 отсто лани. Притоа, 87,8 проценти од мажите користеле интернет за разлика од 85,1 отсто од жените. Дури 80,5 проценти од Македонците биле активни на интернет на дневно ниво, а во однос на родовата распределба, мажите повеќе користеле интернет од жените. Соодносот е 82,6 наспроти 78,4 отсто.

Според податоците на „Еуростат“, најмногу интернетот годинава се користел за телефонирање, односно 90,6 проценти, потоа за следење на социјалните мрежи (85,2 отсто) и за размена на пораки преку Скајп, Месинџер, Ватсап, Вибер… (82,3 проценти).

Жените повеќе телефонирале од мажите, односно соодносот е 92,9 наспроти 88,4 проценти. Жените повеќе користеле интернет само во случај кога барале информации поврзани со здравјето, додека во сите останати случаи мажите повеќе го користеле интернетот.

Раст бележи и е-трговијата за 15,5 проценти, според податоците од Државниот завод за статистика. Спроведената анкета во првото тримесечје од годинава во која испитаниците се изјасниле за направените онлајн нарачки и купувања во последните 12 месеци покажува раст, односно 46,3 отсто од интернет корисниците нарачале/купиле онлајн во последните 12 месеци наспроти 40,1 процент во однос на истиот период минатата година.

Како и минатите години, најмногу се купувало облека, вклучително и спортска опрема, а за разлика од порано, сега Македонците најмногу купуваат од домашни е-продавници (84,4 проценти).

Значаен скок во користењето на интернет услугите, има кај е-банкарството. За разлика од лани кога само 15,2 отсто од населението ги користело услугите на е-банкарството, во текот на годинава двојно е зголемен бројот односно 31,1 процент од населението користи интернет за е-банкарство.

– Она што е забележително како влијание на пандемијата е дека дури 84 отсто од направените онлајн нарачки биле кон домашните е-трговци. Што се однесува до менување на навиките може да се забележи удвојување на користењето на е-банкарството и зголемување на учеството на корисници кои се повеќе бараат информации за производи и услуги онлајн. Сепак како што речиси секогаш посочуваме ова не е доволно и понатаму ќе работиме со сите засегнати страни трендот на раст да продолжи со засилено темпо со крајна цел да се одалечиме од дното на рангирањето во компаративната анализа со европските земји, вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска.

Извор:МИА

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!