Вие имате прво да ја знаете вистината

Која порака ја прими сдсм: Ковачевски е замена за заев или за “заевизмот”? Кој стои зад новиот лидер?

СДСМ вчера избра нов лидер. По Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска, Зоран Заев, повторно Бранко Црвенковски, Зоран Заев и сега Димитар Ковачевски Таче е петтиот лидер на СДСМ во последните 30 години, односно кога таа партија го заврши процесот на трансформација од СКМ преку СКМ ПДП до СДСМ.

Сите досегашни промени имаа некоја политичка логика и политичка траекторија. И промените на тронот беа видливи со голо око, но и очекувани. Оваа промена се случи многу брзо, неподготвено и со непонудена логика, не само пред членството, туку и пред граѓаните на Македонија.

Која порака ја прими СДСМ? Ако Ковчевски е одговор на примената порака ( како што велат во СДСМ и како што вели самиот Заев) тогаш која е пораката и кој ја дефинирал пораката? СДСМ не расправал за резултатите од локалните избори и за причините за поразот на тие избори. По губењето на изборите во 2011 имаше Конгрес на СДСМ во Битола каде се расправаше за причините за поразот и Црвенковски остана на чело на партијата уште скоро две години.

Која е пораката која е сега пратена? Членството и гласачите гласаа против Заев или против “Заевизмот” како политичка стратегија и начин на владеење во СДСМ и државата.

Ако гласаа против Заев тогаш е тоа помал проблем, се заменува Заев со Ковачевски и се продолжува со стратегијата на оваа влада. Но ако гласаа против “заевизмот” тогаш е проблемот многу поголем и тој не се решава со смена на Заев со Ковачевски, бидејќи Ковачевски бил дел на “заевизмот” и во СДСМ и во власта, а ние не сме слушнале дека има нешто кажано против тој начин на водење на власта и партијата.

На крајот од краиштата, со исклучок на едниот од четирите потпреседатели, а тоа е Мила Царовски која индиректно застана зад кандидатурата на Јово Деспотовски целото раководство беше, лобираше и работеше за изборот на Ковачевски. Што ќе рече дека Ковачевски е избор на раководството, а не некој кој е дисконтинуитет со политиката на раководството или зад кого стои опозицијата во таа партија!

Во секој случај зад Ковачевски стои огромна доверба освоена на вчерашните избори и со внимание ќе се следат неговите први чекори.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!