Вие имате прво да ја знаете вистината

Од денеска нови ковид мерки во Грција: Важат и за Грците и за туристите

Забрана за влез во затворени простори за лицата над 60 години кои не примиле трета доза, а поминале седум месеци од вакцинацијата и намалување на три од шест месеци на важноста на потврдата за прележан Ковид-19, се новите мерки што од денеска стапија во сила во Грција, а освен за Грците важат и за туристите кои ја посетуваат земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Граѓаните кои се над 60-годишна возраст и иако се вакцинирани, но поминале седум месеци и не примиле трета доза, од денеска се сметаат за невакцинирани и нема да имаат пристап во местата каде што е задолжителен сертификат, односно според портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому „нема да ги имаат привилегиите што ги имаат вакцинираните“ и за нив ќе важат истите рестрикции како и за невакцинираните.

Од друга страна, потврдата за прележан Ковид-19 ќе се издава само по направен ПЦР тест и не постои опцијата со позитивен рапид тест, а времетраењето се скратува од шест на три месеци.

Потврдата важи 30 дена по позитивниот резултат до 90 дена потоа.

Согласно министерската одлука со новите мерки, „остануваат во сила потврдите издадени од 13 јуни 2021 година до 31 октомври 2021 година, а потврдите по 1 ноември важат 90 дена.

Мерките, освен за Грците, важат и за туристите, нешто што во четвртокот го објасни и портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на редовниот брифинг со новинарите одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина.

-Промените се однесуваат на сите кои се наоѓаат на грчка територија и за двете мерки. Во однос на навршувањето седум месеци за сограѓаните кои се над 60 годишна возраст и немаат примено бустер доза, без разлика дали се грчки граѓани или граѓани на други земји кои во нашата земја се наоѓаат од други причини, важи токму истото, нема да ги имаат привилегиите на вакцинираните. Во однос на потврдата за прележан Ковид-19, по 1 февруари, бидејќи им даваме еден неопходен временски период за да се прилагодат и да имаат можност да се вакцинираат, ќе важат токму истите правила и за Грците и за граѓаните на други земји, објасни Иконому.

Во последната министерската одлука со предусловите за патување во Грција објавена во петокот, како што веќе пренесе МИА, нема промени во однос на сертификатот за вакцинација за лицата над 60 години и задолжителната трета доза, односно конкретната мерка, барем засега, се однесува само на внатрешноста на Грција, а не и за влез во земјата.

Промени се направени само за потврдата за прележан Ковид-19 и а повеќе не важи од 30 до 180 дена туку од 30 до 90 дена по првиот позитивен тест.

Извор:МИА

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!