Вие имате прво да ја знаете вистината

По ВМРО и СДСМ и ПАСОК со нов лидер на партијата. Папандреу со убедлив пораз

Европратеникот Никос Андрулакис е новиот претседател на грчката централно левичарска партија Движење на промена -ПАСОК, откако убедливо победи во вчерашниот втор круг од изборите, со повеќе од двојно поголем број гласови во споредба со неговиот против кандидат Јоргос Папандреу, јави дописничката на МИА од Атина.

Со пребројани 95,37 отсто од гласовите, Андрулакис доби 67,9 проценти (132.706 глас), а поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу 32,1 отсто (62.748 гласа) од гласовите.

Со знамиња на ПАСОК и партиските химни, со аплаузи, овации и извици „ПАСОК е тука обединето и силно“ од членови и симпатизери на партијата, 42-годишниот Андрулакис доцна синоќа беше пречекан пред канцеларијата на Движење на промена.

Порача дека „се отвора нова страница за партијата и ПАСОК, нова ера со динамика, оптимизам и самодоверба“.

Им се заблагодари на гласачите, но и на неговите противкандидати, истакнувајќи дека „нема победени и поразени и единствен победник е демократската партија и ПАСОК“, но и додаде дека е свесен за одговорноста што ја презема.

-ПАСОК се врати и е обединето силно, порача новиот лидер на партијата на крајот од неговото обраќање по победата.

Јоргос Папандреу, кој успеа да влезе во вториот круг, но не и да стигне до лидерската позиција, му честиташе на Андрулакис, а според грчките медиуми, честитка до новиот претседател на централно левичарската партија упатил и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во телефонскиот разговор со Андрулакис.

Новиот претседател на Движење на промена е по потекло од Крит, по професија е градежен инженер, а од 2014 година е европратеник.

Изборите во Движење на промена не се поврзани со смртта на лидерката на партија Фофи Генимата, која планираше повторно да биде кандидат за претседателската позиција, меѓутоа влошувањето на здравствената состојба ја натера да ја повлече кандидатурата, а десет дена подоцна ја загуби битката со ракот.

ПАСОК, последен пат на изборите во Грција победи во 2009 година, а во изминатите години е трета политичка сила во земјата.

Извор: МИА

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!