Вие имате прво да ја знаете вистината

Германија протера руски дипломати по пресудата за политички атентат во Берлин

Двајцата руски дипломати станаа „непожелни личности“ во согласност со одлуката на германската влада, откако судот во Берлин пресуди дека Русија наредила убиство на грузиски државјанин во 2019 година во Берлин, рече министерката за надворешни работи Аналена Баербок.

Одлуката му беше соопштена на рускиот амбасадор Сергеј Нечаев на состанокот во Министерството за надворешни работи, додаде Баербок.

Москва ќе и возврати на Германија по одлуката на Берлин да протера двајца руски дипломати за убиството на грузиски државјанин во 2019 година, изјави денес портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Таа за германскиот портал Телеграм изјави дека потегот на Германија е „непријателски“.

Германскиот суд во средата осуди 56-годишен руски државјанин на доживотен затвор за убиство на Грузиец со чеченско потекло во парк во Берлин пред повеќе од две години, по налог на руските власти.

Убиството се случи на 23 август 2019 година во паркот Клајнер Тиергартен во Берлин. Обвинителите рекоа дека тоа е одмазда за учеството на грузискиот државјанин во Втората чеченска војна и неговото „непријателство кон руската држава“.

Убиениот 40-годишен грузиец е со чеченско потекло и од крајот на 2016 година живее во Германија како барател на азил, а руските власти го класифицираа како чеченски терорист.

Судот добил информација дека осудениот за убиство е всушност вработен во руската домашна разузнавачка служба ФСБ и пристигнал во Берлин со лажен идентитет за таму да го изврши нарачаното убиство.

Одбраната пред судот изјави дека случајот е заснован на „многу сомнителни докази“.

Оваа пресуда најверојатно дополнително ќе ги заостри германско-руските односи. По убиството, германската влада ја обвини Русија дека не соработува во истрагата и во меѓувреме протера двајца вработени во руската амбасада во Берлин.

Рускиот претседател Владимир Путин го нарече „бандит“ и „убиец“ убиениот Грузиец, за кој се вели дека се борел на страната на сепаратистите во Чеченија.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!