Вие имате прво да ја знаете вистината

Бугарската асоцијација за гас достави до бугарската Влада проект за изградба на гасоводот Петрич-Струмица

Бугарската асоцијација за гас достави до Советот на министри на Република Бугарија и до администрацијата на претседателот Румен Радев предлог во врска со ажурирањето на Планот за закрепнување и одржливост и Стратегијата за енергетика на Република Бугарија. Предлогот е поддржан од Бугарско-македонската трговско-индустриска комора во Софија и Македонско-бугарската стопанска комора во Скопје.

Бугарската асоцијација за гас, како што јави дописникот на МИА од Софија, предлага да се изгради гасната врска Петрич-Струмица, која би била од големо значење за енергетската безбедност не само на двете соседни земји, туку и за Република Косово, што е предуслов за проширување на територијалниот опфат на Балканскиот гасен центар и бугарскиот сектор за гас.

Во документот се наведува дека Република Македонија добива природен гас преку гасната транзитна мрежа на Република Бугарија без можност за договор за интерконекција меѓу двата оператори, што ги изолира двата сектори за трговија. Авторите на идејата потсетуваат на тоа дека на 11 декември 2019 година во Скопје, под покровителство на премиерот на Македонија Зоран Заев, се одржа тркалезна маса за гасно поврзување меѓу двете соседни земји, на која за прв пат беше претставена изградбата на интерконектор со Република Македонија на трасата Петрич – Струмица, што беше запоставено од претходната бугарска влада. Затоа, Бугарската компанија за гас смета дека претстојната ревизија на Планот за закрепнување и одржливост на Бугарија е основа за дополнување на националната гасоводна и енергетска инфраструктура.

Приоритетните инфраструктурни проекти од Планот за закрепнување и одржливост вклучуваат проширување на складиштето за гас Чирен, интерконекции со Грција и Србија и модернизација на внатрешната преносна мрежа. Според Бугарската асоцијација за гас и Бугарско-македонската трговска и индустриска комора, значаен недостаток во Планот за закрепнување и одржливост и Стратегијата за енергетика на Република Бугарија е занемарувањето на гасната поврзаност со Република Македонија и Република Косово што е природна пазарна врска за развој на балканскиот гасен центар, фактор за интеграција на Западен Балкан со Бугарија и средство за поголема економска поврзаност меѓу Софија, Скопје и Приштина.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!