Вие имате прво да ја знаете вистината

Ги покануваме соседите да се придружат на Отворен Балкан, oтворено писмо на Заев, Вучиќ и Рама до регионот

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерите на Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама, испратија отворено писмо за Западен Балкан, кое го објави подгоричкиот весник, Дан.

Во писмото на претставниците на државите на Западен Балкан се наведува дека Европа не е континент, туку визија, дека граѓаните на Западен Балкан, како составен дел на континентот и визијата, се предолго изоставени.

Желбата на нашиот народ да биде прифатен од членките на ЕУ повторно и повторно беше попречена од внатрешните политики на земјите-членки, неисполнување на дадените ветувања и стравот од иднината. Тоа резултираше со разочарување, нестабилност, иселување и недостаток на големи инвестиции, се наведува во отвореното писмо.

Ние, како лидери на нашите земји, можеме да одлучиме да се жалиме на тоа, или можеме да одлучиме да направиме нешто во врска со тоа. Ние го избравме второто. Во ноември 2019 година потпишавме прелиминарен договор за стимулирање на таканаречениот Берлински процес, така што во свои раце ја презедовме подлабоката регионална соработка, се додава во писмото.

Тројцата државници посочуваат дека нивната визија е да се надминат социјалните, економските и трговските бариери кои го забавуваат економскиот раст во целиот регион, со имплементација на четирите европски слободи во нашите земји.

Оттогаш, систематски се среќававме и потпишувавме договори кои им овозможуваат на нашите граѓани слободно да работат едни кај други, ги намаливме граничните контроли кои ќе овозможат минување на стоки, речиси без одлагање, воспоставивме механизми за слободно патување на нашите граѓани меѓу нашите земји – како што граѓаните на ЕУ патуваат меѓу нивните земји. Нашата иницијатива, наречена Отворен Балкан, се покажа како ефикасна и корисна дури и во надминување на тешките времиња на пандемијата, се вели во писмото.

Иако иницијативата Отворен Балкан досега ги вклучува само Србија, Албанија и Северна Македонија, потписниците посочуваат дека Иницијативата била, и ќе биде отворена за сите членки на Западен Балкан.

Ја користиме оваа прилика уште еднаш да ги поканиме сите наши соседи да се придружат и да им ги понудат на своите граѓани поволностите што ние им ги нудиме на нашите. Преку слободата на движење на луѓе, стоки, капитал и услуги, нашата соработка може да ја поттикне трговијата и растот и да го олесни животот на секој поединец во нашето соседство, се наведува во писмото потпишано од Заев, Вучиќ и Рама.

Исто така, се нагласува дека, иако „често биле казнувани како „буриња барут“ во Европа“, како „одговорни лидери тие не можат да дозволат регионот да се повлече во кошмарите од минатото додека ЕУ не биде во можност да стори повеќе за проширувањето во овој стадиум”.

Имаме свои разлики, не се согласуваме за некои политички прашања – но сите се согласуваме дека економијата и четирите европски слободи се начин да му понудиме на нашиот регион надеж и траен мир, се потенцира во писмото, во кое се додава дека Отворениот Балкан не е утешна награда наместо членство во ЕУ, туку, напротив, голем чекор кон тоа.

Како што Заедницата за јаглен и челик ја роди Европската унија по Втората светска војна, така и Отворениот Балкан ќе остане запаметен како пресвртница што ги приближи нашите народи до ЕУ – и полноправното членство во најголемиот трговски блок во светот, пишува во отворенето писмо.

Потписниците посочуваат дека повеќе европски лидери и американската администрација веќе ја изразиле својата поддршка, за што се благодарни. Се додава дека претприемачи, земјоделци и студенти од целиот Западен Балкан исто така ја покажале својата поддршка и ги инспирирале.-

Сега целата ЕУ, како таква, треба да се приклучи во целосна поддршка за Отворениот Балкан и да ги охрабри другите наши соседи во целосна инклузивност во нашата иницијатива, од потреба до акција. Крајно време е сите народи и луѓе во регионот да се обединат за подобра заедничка иднина. Таа која нуди стабилност, мир и подобар животен стандард за сите. Иднина што се издигнува над кавгите од минатото и која на нашите деца им дава надеж во државите во кои заслужуваат да живеат, се заклучува во отвореното писмо на претседателот на Србија и премиерите на Северна Македонија и Албанија за Западен Балкан.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!