Вие имате прво да ја знаете вистината

Ердоган на удар поради екстремните поскапувања: „И претходно ја намалив инфлацијата на 4%, можам повторно да го направам тоа“

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган рече дека веќе ја намалил инфлацијата на околу четири отсто во Турција и рече дека ќе го стори тоа повторно наскоро, додека истовремено годишниот пораст на цените е зголемен за 21 отсто благодарение на неговиот притисок за намалување на каматните стапки што предизвика колапс на лирата.

Ердоган тврди дека новата политика заснована на ниски каматни стапки е дел од успешната „војна за економска независност“, но повеќето економски експерти потегот го нарекуваат луд, па предвидуваат инфлација од над 30 отсто следната година.

Лирата достигна рекордно ниско ниво од речиси 17 лири за еден американски долар во петокот, откако беа изразени стравувањата од инфлациска спирала. Како што стојат работите, лирата годинава изгуби 55 отсто од вредноста, а 37 отсто од таа вредност во последните 30 дена.

На состанокот со младите од Африка емитуван во неделата, Ердоган го повтори својот неортодоксен став дека каматните стапки предизвикуваат пораст на цените, додавајќи дека се надева оти инфлацијата наскоро ќе падне.

„Порано или подоцна ќе ја намалиме инфлацијата како што направив кога дојдов на власт. Нема да дозволам моите граѓани, мојот народ да бидат скршени под каматните стапки“, рече Ердоган.

Инфлацијата во Турција падна на четири отсто во 2011 година, пред постепено да расте од 2017 година. Во ноември таа се зголеми за 3,5 отсто, на 21,3 отсто годишно.

Многу Турци сметаат дека зголемувањето на минималната плата за 50% нема да биде доволно. Исто така, се очекува дека зголемувањето може да доведе до инфлација на потрошувачките цени од 3,5 до 10 проценти.

Се повеќе критики

Во саботата, најголемата турска деловна групација, ТУСИАД, ја повика владата да се откаже од политиката на ниски стапки и да се врати на „правилата на економската наука“.

Опозициските партии го обвинија Ердоган дека ја предизвикал една од најголемите валутни кризи во Турција и повикаа на предвремени избори, додека неколку анкети покажуваат дека поддршката за претседателот и владејачката АК Партија е на најниско ниво во последните години.

Нуман Куртулмуш, заменик на Ердоган во партијата АК, рече дека владата се обидува да ги реши економските проблеми, но додаде дека нема да се откаже од новата политика.

Изборите ќе се одржат во средината на 2023 година. Ердоган, кој е на власт 20 години, тврди дека нема да има предвремени избори.

Илјадници луѓе протестираа викендов во Истанбул и во југоисточниот град Дијарбекир поради зголемените животни трошоци.

Некои фериботки до и од Истанбул беа суспендирани во неделата поради неодржливите деловни цени предизвикани од падот на лирата, соопштија операторите.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!