Вие имате прво да ја знаете вистината

Македонија се соочува со недостаток на кадар: Ковид пандемијата го зголеми недостигот од професионални готвачи

Пандемијата со Ковид – 19 го зголеми недостигот од професионални готвачи во угостителските објекти, како во охридско-струшкиот регион, така и низ цела држава. Дел од нив преминале да работат во други сектори, а дел ја напуштиле државата за подобра егзистенција.

Влатко Ѓоргиевски, професионален готвач и член на здружението „Охрид шефс“ вели има голем недостиг во професијата. Многу негови колеги неможејќи да го издржат притисокот од пандемијата и рестриктивните мерки кои ги наметна, ја промениле професијата или отишле надвор од државата.

– Има голем недостиг од професионални готвачи во охридско-струшкиот регион. Доста колеги не можеа да го издржат притисокот од кризата и преминаа во други области, а некои отидоа надвор од државата. Платите се тие што можат сопствениците да ги дадат. Угостителските објекти и хотелите беа долго време затворени, се соочуваат со рестрикции. Работат со намален капацитет. Сопствениците беа принудени да отпуштат дел од кадарот, истакна Ѓоргиевски.

Истото мислење го дели и Димитар Аранудовски, професионален готвач од Охрид, со надеж дека работите ќе тргнат кон подобро.

– Целата оваа криза со коронавирусот, ни налага многу од нас да завршат во странство за подобра егзистенција. Се надеваме дека многу работи ќе се променат на подобро. Ние што сме останати сме задоволни од платите, но, ако не сме и ние би заминале, рече Арнаудовски.

Кавадарци, како и другите градови, се соочува со недостиг од професионални готвачи, тврди кавадарчанецот Горан Филипов, кој исто така е дел од оваа професија.

– И во Кавадарци има недостиг на готвачи. Причината е што најголем дел, односно речиси 80 проценти од готвачите се надвор од државата. За да останат или да се вратат назад треба да се зголемат платите. Незадоволни се и затоа си одат, надвор се платени повеќе, изјави професионалниот готвач Филипов.

Здружението „Охрид шефс“, како што посочи Ѓеоргиевски, врши курсеви за готвачи за сите генерации, со апел за сите заинтересирани да го посетат курсот и доколку се пронајдат во, како што рече, „оваа ценета и почитувана професија“, да продолжат да ја работат. 

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!