Вие имате прво да ја знаете вистината

Француската амбасадорка во Бугарија: Потребно е да се создаде можност за помирување меѓу Бугарија и Северна Македонија

Француската амбасадорка во Бугарија, Флоранс Робин во гостувањето на емисијата „Светот и ние“ на Бугарската национална телевизија, изјави дека е свесна оти меѓу Софија и Скопје постои спор, но најважното за неа е потребата да се создаде можност за помирување меѓу двете земји.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Робин истакна дека не станува збор за давање зелено светло за влез на Република Македонија во Европската Унија, туку за почеток на преговори, кои ќе потраат повеќе години.

Таа говореше за приоритетите на Франција во текот на престојното претседателство, кое почнува од 1 јануари 2022 година, а меѓу нив се и да се преземат чекори да се отворат позитивни патишта за Република Македонија, а не да се случи ситуација, во која земјата би се дестабилизирала. Освен тоа, додаде таа, Бугарија, која е членка на ЕУ, може да постапи на начин со кој ќе помогне.

Француската амбасадорка изјави дека истовремено треба да бидат заштитени законските интереси на Бугарија.

Робин нагласи дека Балканот е во срцето на Европа.

– Тоа  е факт како од географска гледа точка, така и од историска. Балканот имаше многу важна улога во судбината на Европа и затоа претседателот Макрон е убеден дека Европа треба да преземе поголем ангажман на Балканот, како на политички, така и на економски план.Треба да се направат напори за инвестиции, за развој на инфраструктурата, за повеќе солидарност, истакна Робин.

Од политичка гледа точка според Робин  потребно е да се даде на знаење каква е политичката перспектива на Балканот.

Во однос на Шенген зоната, Робин изјави дека Европската комисија со години говори дека Бугарија ги исполнила сите услови за приклучување, но напомена дека Франција смета оти ситуацијата е комплексна и тука не може да се говори само за Бугарија, поради тоа што миграцијата се користи како елемент на хибридна војна, особено каков што е случајот со Белорусија, која се наоѓа на надворешните граници на ЕУ.

Според Франција шенгескиот простор треба да биде реформиран и министрите за внатрешни работи на земјите-членки да имаат можност да преземаат политички одлуки за тоа кога надворешните граници треба да бидат отворени, а кога затворени, како што тоа го прават за внатрешните граници на државите. 

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!