Вие имате прво да ја знаете вистината

Мицотакис по средбата со Кирил Петков јасно порача: Очекуваме наскоро да бидат свикани меѓувладините конференции со Македонија и Албанија

Очекуваме наскоро да бидат свикани првите меѓувладини конференции на Европската Унија со Северна Македонија и Албанија, изјави денеска во Софија грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис на средба со неговиот бугарски колега, Кирил Петков, додавајќи дека позицијата на Грција во време на растечки тензии е дека единствениот исправен пат во полза на сите е придвижување на Западниот Балкан кон ЕУ.

Пред се, најважно е добрососедството. Очекуваме наскоро да се свикаат меѓувладините конференции со Република Северна Македонија и Албанија, нагласи Мицотакис, потенцирајќи дека Грција која отсекогаш била мост за напредок на регионот очекува поддршка од Бугарија за оваа заедничка цел.

Мицотакис, кој престојува во посета на Софија, нагласи дека Грција и Бугарија не се само соседи, туку и сојузници и партнери, кои го почитуваат меѓународното право и дека стратешкото партнерство меѓу нив е клучно за стабилноста на регионот.

На средбата Мицотакис – Петков биле истакнати блиските односи помеѓу Грција и Бугарија, при што станало за збор енергетски и инфраструктурни проекти од взаемен интерес, за имплементација на прекугранични проекти во рамките на програмите на ЕУ, за изградбата на интерконекторот меѓу двете кој влегува во завршна фаза, како и за прашања поврзани со миграцијата и проблемот со бегалците. Мицотакис, исто така, нагласил дека Атина стои на располагање да и помогне на Бугарија за забрзување на вакцинацијата.

Според податоците на Бугарската народна банка, грчките директни странски инвестиции во Бугарија со 31 декември 2020 година изнесувале 2,57 милијарди евра.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!