Вие имате прво да ја знаете вистината

300 затвореници од Данска ќе бидат сместени во Косовски затвор, проект вреден 210 милиони евра

Министерот за правда на Данска, Ник Хакеруп утре во Приштина ќе потпише договор со косовскиот министер за правда, Албуљен Хаџи за закуп на 300 затворски ќелии во Косово за 210 милиони евра.

Како што потврдија од Владата на Косово, сите детали од договорот помеѓу двете министерства за правда ќе бидат објавени утре, но она што досега е познато е дека сите ќелии во затворот Гњилане ќе бидат под закуп, кој се смета за најмодерен затвор во Косово, и беше избран од претставници на данската поправна служба за време на посетата минатата година.

Според неофицијални информации, осудените за терористички дела и оние со ментални здравствени проблеми нема да бидат префрлени во затворите во Косово, пренесува Бета.

Раководството на затворот ќе биде од Данска, додека затворските службеници ќе бидат од Косово.

Поранешниот министер за правда, Селим Селими, кој учествуваше во преговорите со данските институции, за приштинските медиуми изјави дека постигнувањето на овој договор е голем чекор.

Медиумите пренесуваат и соопштение од данското Министерство за правда во кое се наведува дека ова ќе биде привремен договор, додека не се подобри состојбата со затворите во Данска.

Во соопштението се наведува дека Данска се соочува со недостиг од места во затворите, како и со недостиг од затворски персонал.

Проектот има за цел да ја ублажи пренатрупаноста на затворите во Данска и да им овозможи да се прошират за 326 места од 2022 до 2025 година.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!