Вие имате прво да ја знаете вистината

Ладен туш од Софија за НАТО: Бугарија не сака да распоредува НАТО сили на своја територија

Бугарија не гледа потреба од распоредување војници на НАТО на своја територија како одговор на акумулацијата на руските сили долж границата со Украина, изјави бугарскиот министер за одбрана, Стефан Јанев.

Тој ги потврди извештаите дека во НАТО се разговарало за различни опции, вклучително и присуство на бугарски и романски војници во Црното Море како дел од мисијата на Алијансата, во која НАТО веќе распоредува дополнителни војници во балтичките земји и во источна Полска.

Мојот став е дека таквиот пристап потенцијално може да доведе до непожелно зголемување на тензиите во регионот, објави Јанев на својот Фејсбук профил и оцени дека засега нема причина распоредувањето на руските војници да се смета за директна закана за Северноатлантската алијанса и нејзината зона на влијание.

Во таа смисла, не верувам дека постојат реални околности кои можат да ја оправдаат одлуката во врска со распоредување дополнителни војници на територијата на Бугарија, стоеше во објавата на Јанев.

Тој додаде дека Бугарија, која се приклучи на НАТО во 2004 година, внимателно ќе ја следи ситуацијата и е подготвена да го зголеми капацитетот на своите вооружени сили како дел од засилените напори на НАТО за одбрана, доколку е потребно.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!