Вие имате прво да ја знаете вистината

Филипче: Не се планираат рестриктивни мерки за празниците, Дел од Ковид центрите се враќаат во нормала

Не се планираат рестриктивни мерки за празниците, а дел од ковид центрите и целата интерна клиника се враќаат во нормала, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче при посетата на Клиниката за ортопедија оценувајќи ја состојбата со коронавирусот како мирна.

Според него сегашните рестриктивни мерки во пресрет на новогодишните празници се доволни со оглед на тоа, како што рече, такви собири на јавни места има насекаде. Практично, вели тој, кулминација ќе се достигне за време на новогодишните празници и после сето тоа ќе спласне.

Не гледам зашто специфично и само за новогодишните празници би правеле некаква рестрикција кога собири сега пред нова година традиционално има секаде во огромен број луѓе се собираат, нагласи Филипче.

Во однос на вакцинацинираните, министерот смета дека процентот е висок, но и дека интересот е спласнат.

Сметам дека опфатот кој што според новиот попис веројатно негде помеѓу 50, па дури и 55 проценти ако се исклучат децата, сепак е висок, прилично висок процент. Жал ми е што спласна интересот и нема да достигнеме за кратко време 70 или 80 проценти опфат. Така да, во таа смисла имајќи ја дополнително предвид тоа што болниците се навистина растеретени, дел од ковид центрите веќе се затвораат. Во почетокот на следната недела целата интерна клиника ќе се врати во нормална работа.Значи Одделот за неврологија и дерматологија се враќа во нормална работа, сите ковид капациетни тука ќе бидат сместени само на Инфективната клиника. Сметаме дека ситуацијата е мирна, потенцира Филипче.

Сепак, кажа тој не можеме да се предвиди како ќе биде, дали некоја варијанта на вирусот ќе придонесе да се влоши епидемиолошката ситуација, но додаде дека затоа акцент е ставен на вакцинацијата.

Сметаме дека и сега излегуваат официјални податоци од студии дека значајно се зголемува ефикасноста против најновиот сој омикрон, кога се прима третата доза. Сериозно за неколку десетици проценти ефикасноста на вакцинацијата се зголемува и затоа инсистираме да продолжи вакцинацијата, граѓаните кои се вакцинирани со две дози да примат и трета доза, истакна Филипче.

Министерот нагласи дека со овој опфат на вакцинација ние во конитинуитет сме во подолг временски период на намалување на бројот на случаите.

Тоа не значи дека треба да бидеме сигурни или можеби несигурни дека таа ќе продолжи, можеби некој нов сој ќе ја смени епидемиолошката ситуација. Затоа сметам дека треба да продолжиме на овој начин интензивно да ја следиме ситуацијата, по региони, по градови да се пратат бројките, а мерките засега се добри, истакна Филипче.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!