Вие имате прво да ја знаете вистината

Талибански правила и за таксистите: Забранета музика, препорачани бради, задолжителни молитви, жени никаде без хиџаб и сопруг

Талибанската верска полиција во Авганистан им нареди на сите таксисти да не пуштаат музика во автомобилите и да не превезуваат жени без хиџаб и без придружба на мажи доколку патувањето е подолго од 72 километри.

Упатството се наоѓа на советодавен памфлет дистрибуиран од талибанците. Портпаролот на Министерството за промовирање доблести и спречување на пороците, Мухамед Садик Акиф, денес ја потврди автентичноста на упатствата до ДПА.

Министерството бара од возачите да не превезуваат жени до дестинација оддалечена повеќе од 72 километри доколку не се придружувани од маж.

Возачите исто така се замолени да прават паузи за молитва, а ги советуваат да ја пуштат брадата.

Универзитетскиот професор Харун Рахими ја критикуваше директивата на талибанците, велејќи дека таксистите ќе бидат во позиција да ги следат телата на жените и нивните движења, создавајќи можности за вознемирување и правејќи ги јавните простори небезбедни за жените.

„Муслиманките се научници, тие се на важни позиции во различни индустрии и тие се политички лидери ширум светот“, напиша Рахими на Твитер.

Тој и другиот персонал на Американскиот универзитет во Авганистан беа евакуирани од земјата претходно оваа година. „Авганистанските жени треба да ги следат нивните стапки“, рече тој.

Откако ја презедоа контролата врз Авганистан, талибанците значително ги намалија правата на жените. Во многу случаи, жените не можат да се вратат на своите работни места, а повеќето женски средни училишта се затворени.

Протестите на женските активистки беа насилно задушени. Минатата недела властите почнаа да ги отстрануваат сликите на жените од рекламите во главниот град Кабул.

Талибанското министерство за пороци и доблест постоело и во 1990-тите, кога Талибанците првпат владееле со земјата, и е озлогласен симбол на арбитрарно прекршување на човековите права со јавно тепање или затворање.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!