Вие имате прво да ја знаете вистината

Во Израел започна вакцинацијата со четврта доза: 150 доброволци ќе бидат вакцинирани

Една израелска болница почна да ги вакцинира негувателите со четврта доза вакцина против коронавирус, или втор „засилувач“, како дел од клиничкото испитување што треба да претходи на националната кампања, чиј датум сè уште не е објавен.

Премиерот Нафтали Бенет минатата среда рече дека сите Израелци постари од 60 години и медицинскиот персонал ќе имаат право на четврта доза бидејќи земјата се обидува да го спречи ширењето на варијантата омикрон, но таа одлука допрва треба да биде одобрена од Министерството за здравство.

Болницата Шеба, во предградието на Тел Авив, денес почна да вакцинира 150 доброволци – негуватели, кои добија „засилувач“ пред повеќе од четири месеци и чии нивоа на антитела се намалија.

Употребата на четвртата доза ќе овозможи да се процени можното зголемување на антителата и можните несакани ефекти и дали е намален ризикот од инфекција, изјави Гили Регев-Јочај, директорка на одделот за инфективни болести во болницата.

Негувателите ќе бидат надгледувани шест месеци, прецизира таа.

Министерството за здравство го одобри ова клиничко испитување за да се провери ефикасноста на четвртата доза, изјави портпаролката на министерството Гал Ротем Голан, пренесува Франс прес.

Израелските медиуми јавуваат дека шефот на министерството Нахман Еш сака доволно време да ја проучи сериозноста на инфекцијата со варијанта омикрон пред да започне вакцинацијата на државно ниво.

Израелските власти минатата недела ги заострија патните ограничувања за да го спречат ширењето на варијантата омикрон и ги додадоа Соединетите Држави на својата црвена листа на земји во кои на израелците им е забрането да патуваат. На таа листа се наоѓаат околу 70 земји.

Околу 4,2 од 9,3 милиони луѓе во Израел примиле три дози вакцина против коронавирус, а во тек е вакцинацијата на децата на возраст меѓу 5 и 11 години.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!