Вие имате прво да ја знаете вистината

Собранието го надополна законот за „недела неработен ден“: Утврдени исклучоците во трговијата на мало

Собранието денеска во рамки на 59-та седница со 59 гласа „за“, без воздржани и без ниту еден глас „против“ го донесе Дополнетиот закон за изменување и дополнување на Законот за трговија. Со членот 4 од овој Закон се уредува работното време во трговијата во недела и на празници, заедно со утврдување на исклучоците во трговијата на мало за кои ќе биде дозволено работа во недела и на празници.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во процедурална забелешка рече дека на 23 декември 2021 година не се дозволило да се одржат пратенички прашања. Не убедувате, како што рече, дека Владата е во оставка и така вели и член 93, став 5 од Уставот.

– Ние имаме Влада во оставка која продолжува да функциниора, а единственото за што оваа Влада, според вашето толкување не смее да го прави е да одговара на прашањата на пратениците од опозицијата, рече Мицевски.

Тој најави дека во текот на денешниот ден како пратеничка група ќе поднесат потписи за свикување нова седница, а тоа е одржување пратенички прашања на 30 декември 2021 година или последниот четврток во месецот.

Претседателот на Парламентот, Талат Џафери образложи дека Владата во моментот кога е во оставка, Собранието констатира престанок на мандат и Владата не може да кореспондира со Собранието. Тој појасни дела на седница за поставување пратенички прашања обврска е да присуствува премиерот, кој нема мандат, како што нема ниту еден од министрите. Членовите на Влада немаат мандат, а Владата не може да ја претставува заменик-министер.

Пред усвојување на дневниот ред, пратеничката Силвана Ангелевска од ВМРО-ДПМНЕ побара дополнување на Дневниот ред со информација за состојба во енергетскиот сектор. Таа нагласи дека неколку месеци предупредувале оти ќе дојде до оваа состојба во енергетскиот сектор, а власта ги убедувала и граѓаните дека се е под контрола, нема проблеми, дека опозицијата шири лажни вести и паника.

Таа повика во услови кога, како што рече, „се најавени отпуштања на вработени во РЕК „Битола““, да се прифати точката, да се направи пауза и да се обезбеди материјал бидејќи, според неа, „вработените во РЕК „Битола“ се во паника“. Ангелевска смета дека премиерот во оставка Зоран Заев и новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски треба да одговораат за состојбата во која се наоѓа енергетскиот сектор. Таа додаде и дека сакале за ова да прашаат и на минатата седница предвидена за пратенички прашања. Џафери рече дека според Деловникот, предлогот не може да се стави на гласање.

Пратениците на седницата констатираа дека не се оправдани и нема потреба од автентично толкување на член 34 од Законот за локалната самоуправа, а во врска со член 46, став 1, алинеја 6, поднесено од градоначалникот на Општина Карпош. Пратениците констатираа дека не е оправдано и нема потреба од автентично толкување ниту на членот 11-б, став 12 од Законот за пожарникарство, поднесен од Антонијо Милошоски. Исто така, според нив, не е опрвадано и нема потреба од давање автентично толкување на за член 53 став 2 од Законот за денационализација, поднесен од Исмаил Јахоски.

По овие одлуки претседателот на Собранието Џафери ја прекина седницатата и најави дека таа ќе продолжи во 13:30 часот. 

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!