Вие имате прво да ја знаете вистината

Договорени руско-американски разговори во јануари, Лавров: „Нема да има отстапки“

Русија и САД се договорија да одржат разговори за Украина и безбедноста во Европа на 10 јануари, додека Москва однапред исклучува какви било отстапки во однос на нејзините барања за ограничување на влијанието на Западот на нејзините граници.

Главното барање на Русија е забрана за секое идно проширување на Северноатлантската алијанса и каква било друга воена соработка во област која Русија ја смета за своја зона на влијание.

„10 јануари ќе биде главниот ден на руско-американските билатерални консултации“ во Женева, изјави денес за новинската агенција Тасс рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, додавајќи дека договор нема да биде постигнат „за еден ден“.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Соединетите Држави изјави дека состанокот НАТО-Русија ќе се одржи по разговорите на 10 јануари.

Според изворот, рунда разговори во Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) е закажана за 13 јануари.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров веќе отфрли секаква „отстапка“ и рече дека Москва „останува цврста на својата позиција во одбрана на своите интереси“.

Целта на разговорите е деескалација на тензиите околу Украина, додека Киев и нејзините западни сојузници ја обвинуваат Москва дека натрупала десетици илјади војници на границата со Украина пред можна инвазија.

Москва негира какви било планови за напад и тврди дека тоа се „провокации“ на Западот, кој политички и воено ја поддржува Украина.

Кремљ бара „безбедносни гаранции“, односно посветеност на НАТО да не се шири на територијата на поранешниот СССР, особено во Украина.

„Пред сè, треба да се разговара за предлозите на руската страна“, инсистираше Рјабков.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела се закани со „воени и технички мерки“ доколку нивните барања не бидат исполнети.

Билатералните разговори на 10 јануари ќе се одржат како дел од стратешкиот безбедносен дијалог што го започнаа претседателите Џо Бајден и Владимир Путин за време на самитот во Женева во јуни.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!