Вие имате прво да ја знаете вистината

Јужноафриканската Република им забрани на Шел да вршат сеизмички истражувања во Индискиот Океан

Јужноафриканскиот суд во вторникот и забрани на британско-холандската нафтена компанија Шел да користи сеизмички бранови при истражување на нафта и гас во Индискиот Океан, прифаќајќи ги предупредувањата од еколошките активисти за заканата за живите суштества под вода.

Одлучувајќи во корист на активистите, Високиот суд во градот Маханди и забрани на компанијата да врши сеизмички истражувања во Индискиот Океан, на 20 километри од брегот на Јужна Африка, на длабочина од 700 до три илјади метри.

На почетокот на декември, понискиот суд ја отфрли нивната тужба.

Нафтениот гигант планираше во почетната фаза да изврши сеизмичко истражување на 6.000 квадратни километри од океанската површина во близина на јужноафриканскиот регион Дивиот брег, кој е дом на бројни морски и природни резервати.

Планот на Шел вклучува употреба на сеизмички ударни бранови кои отскокнуваат од морското дно, што укажува на потенцијални депозити на енергетски суровини.

Истражувањето требаше да започне на 1 декември и да трае до пет месеци.

Активистите објаснија дека планот на Шел ќе вклучува „исклучително гласни ударни бранови на секои 10 секунди, 24 часа на ден, во текот на пет месеци“.

„Тоа би влијаело на многу морски суштества, од китови, делфини, фоки и пингвини до мали планктони кои би биле разнесени“, рече активистката Џенет Соломон од еколошката групација „Океани,не нафта“.

„Шел“ тврди дека презеле опсежни мерки за да го спречат или намалат влијанието на истражувањата врз дивиот свет, ветувајќи дека строго ќе ги следат упатствата на Заедничкиот комитет за заштита, советувано од владата на ОК за зачувување на природата.

Компанијата денес потсети на потенцијалната корист за Јужна Африка ако најдат нафта и гас.

„Јужна Африка во голема мера се потпира на увоз на енергија за да ги задоволи високите енергетски потреби. Одржливи ресурси може да се најдат на море, што би можело значително да ја подобри енергетската безбедност на земјата и владините програми за економски развој“, рече портпаролот на „Шел“.

Јужноафриканското Министерство за енергетика го поддржа нивниот план, велејќи им на своите противници дека ги блокираат инвестициите за развојот на земјата.

Петицијата за суспендирање на проектот собра речиси 85.000 потписи.

“Ова е голема победа. Но, борбата не е завршена – судот штотуку го забрани истражувањетп. Ни беше кажано дека постапката продолжува”, додаде Кетрин Робинсон од невладината организација Natural Justice.

Шел, пак, наводно го прекинале истражувањето.

„Ја почитуваме одлуката на судот и го прекинавме истражувањето додека не ја проучиме пресудата“, изјави портпаролот на „Шел“.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!