Вие имате прво да ја знаете вистината

Во Црна Гора ограничено работно време на кафулињата, негативен тест е услов за влез во државата

Црногорските здравствени власти одлучија дека поради наглото зголемување на бројот на заразени со коронавирусот, ќе ја ограничат работата на сите угостителски објекти до 22 часот, а со новите мерки се условува влезот во земјата со негативен ПЦР или тест за антиген.

Новите мерки стапуваат на сила од 30 декември и ќе траат до 12 јануари.

Со новите епидемиолошки мерки се забранува собирање на населението на затворени јавни простори, затворени се детските игротеки и спортските сали, а верските објекти се дозволени да вршат верски обреди во присуство на едно лице на 10 метри квадратни, со задолжително носење заштитна маска.

Забрането е и присуство на гледачи за време на натпреварот во затворени спортски објекти, а посетите на културните установи се дозволени со ковид сертификат.

Исто така, беше предложено јавните институции да организираат работа од дома.

Од 2 јануари условите за влез во Црна Гора се заострени, па црногорските граѓани и странците можат да влезат во земјата со ковид сертификат која гарантира дека не поминале повеќе од шест месеци од втората доза или шест месеци од болеста.

Во двата случаи, мора да се поседува и негативен PCR тест не постар од 72 часа или брз антиген не постар од 48 часа.

Во Црна Гора може да се влезе без овие докази, но со определување на самоизолација од 10 дена, која може да се прекине најрано три дена по негативниот ПЦР тест.

Здравствените власти, како што соопшти на вонредна прес-конференција министерката за здравство на Црна Гора Јелена Боровиќ Бојовиќ, предложиле порестриктивни мерки, што подразбирало целосно затворање на угостителските објекти, но Владата не го прифатила предлогот.

Исклучок е за новогодишната ноќ кога кафулињата и рестораните ќе можат да работат до 01 часот по полноќ.

Организираните новогодишни прослави на градските плоштади од претходно се забранети, а носењето маска е задолжително во затворени простории.

Во Црна Гора во последните два дена тројно е зголемен бројот на заболени, така што нивниот број од околу 500 во понеделникот се зголемил на 1.500 во среда.

Учебната година во Црна Гора завршува денеска, а за вработените во петок започнува целата серија неработни денови поради новогодишните празници и празнувањето на Божиќ.

Црна Гора со две дози вакцинираше околу 60 отсто од возрасната популација, додека третата доза им беше дадена на 75.000 Црногорци.

Од почетокот на пандемијата на коронавирус во Црна Гора починале околу 2.400 луѓе.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!