Вие имате прво да ја знаете вистината

Мијалков излегува од притвор: Кривичен ја укинува мерката и наложува веднаш да биде пуштен да се брани од слобода

Основниот кривичен суд Скопје информира дека од Апелацискиот суд Скопје доцна попладнево му е доставено решение со кое Второстепениот суд ја прифатил жалбата на обвинетиот С.М., изјавена против решението на Кривичниот совет со кое се прифаќа предлогот на Јавниот обвинител за определување мерка притвор против обвинетиот во предметот со КОК 63/21 во јавноста познат како „Плацови на Водно“.

– Според решението на Апелациониот суд, жалбата на обвинетиот се прифаќа, а првостепеното решение се преиначува така што притворот спрема обвинетиот се укинува и се налужува истиот веднаш да биде пуштен да се брани од слобода. Решението на второстепниот суд во текот на денов ќе биде експедирано до странките во постапката и КПД Затвор – Скопје, стои во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.

Претходно, за МИА портпаролот на Апелација, Татјана Дуковска, потврди дека Апелацискиот суд во Скопје ја уважил жалбата на одбраната за притвор на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, определен во случајот „Плацови на Водно“ и го преиначи првостепеното решение.

Решението од второстепениот суд е испратено до Основниот кривичен суд од каде се очекува да биде доставено и до затворот „Скопје“ во Шуто Оризари каде Мијалков ја издржува мерката притвор.

Се уште нема информации дали вечерва Мијалков ќе замине дома.

Дуковска најави дека утре одлуката и целото образложение ќе биде објавено на веб страницата на Апелацискиот суд.

На прашањето дали одлучувал истиот состав на Кривичен совет, како и претходно, таа изјави дека Кривичниот совет во судот е еден совет, со тоа што редовните судии имаат и заменици судии кога се спречени да постапуваат.

Инаку, претходно адвокатите на Мијалков поднесоа гаранција во имот вреден 11.106.501 евро дека тој нема да избега, за притворот што претходно го имаше во случајот „Трезор“ и првостепено е осуден на осум години затвор. Апелација ја прифати гаранцијата и го укина притворот минатата среда, но Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција истиот ден побара притвор за случајот „Плацови на Водно“ каде тој е еден од обвинетите. 

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!