Вие имате прво да ја знаете вистината

Распределени 30 милиони денари за 11 медиуми од Програмата за поддршка на печатените медиуми

Скопје, 29 декември 2021 (МИА) – Владата донесе Одлука за одобрување средства од Буџетот за 2021 година за реализација на Програмата за поддршка за печатените медиуми што се реализира по четврти пат и е наменета за печатените медиуми од општ и информативен карактер.

-Програмата за поддршка за печатените медиуми е покрената со цел да ја поттикне разновидноста на изворите за информирање, како и да обезбеди одржливост на постоењето на овој традиционален вид на медиуми, наспроти брзорастечката дигитализација и во согласност со праксата која е присутна во многу земји и којашто е препорачана и поддржана од ОБСЕ и од меѓународните медиумски организации, соопшти владината прес-служба.

Постапката за избор на корисниците на средствата согласно програмата ја спроведе Комисија формирана од страна на Генералниот секретаријат во чиј состав, покрај претставници на надлежните институции, има и по еден претставник на Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми во Македонија и еден претставник на Здружението на новинари на Македонија. Комисијата, како и претходните години, донесе одлука врз основа на доставените барања и комплетната документација, согласно јасно дефинирани критериуми.

Од вкупно 11 пристигнати барања, одобрени се 11. Комисијата,како што се наведува, утврди дека сите барања имаат уредна и комплетна документација и сите корисници на овие средства се печатени медиуми од општ информативен карактер кои објавуваат содржина насочена кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културни прашања.
На овие 11 печатени медиуми им се распределени, согласно критериумите, 30 милиони денари, и со тоа се исплатени сите средства предвидени во Буџетот за 2021 година за поддршка на печатените медиуми.
Средства ќе добијат следните медиуми „Нова Македонија“, „Економија и бизнис“, „Зенит“, „Слободен печат“, „Битолски весник“, „Коха“, „Вечер“, „Фокус“, „Лајм“, „Шења“ и „Штипски глас“.

-Висината на одобрената поддршка е утврдена врз основа на доставените фактури за календарската 2020 година, а е дефинирана со договор потпишан помеѓу Генералниот секретаријат и избраните корисници врз основа на Записник за евалуација и Извештај на одобрени барања. Финансиската поддршка е доделена на оние печатени медиуми кои ги имаат исполнето сите обврски кон државата и кон вработените за 2020 година, се вели во соопштението.

Согласно предвидениот буџет за 2021 година, на печатените медиуми на македонски јазик им се исплатени средства во висина од 40 отсто за направените трошоци за печатење и дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 50 отсто за направените трошоци за печатење и дистрибуција.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!