Вие имате прво да ја знаете вистината

Франција на чело на ЕУ, Макрон го избра слоганот: Закрепнување, сила и припадност, Македонија многу очекува од Париз

На првиот ден од 2022 година, Франција од Словенија го презеде ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ, кое ќе биде обележано со изборната кампања за претседателските избори во април и парламентарните избори во јуни.

Францускиот претседател Емануел Макрон , кој се уште ја нема објавено својата кандидатура за втор претседателски мандат, но се очекува да го стори тоа наскоро, се брани од обвинувањата на противниците дека ќе ја користи претседателската функција за предизборни цели. Неговиот аргумент е дека не го избрал календарот и редоследот на ротирачките претседателства.

Поради изборите, поголемиот дел од настаните во Франција поврзани со претседателството ќе бидат во првите три месеци за да не се користат за предизборни цели, што е забрането со францускиот закон.

Франција, една од шесте основачи на ЕУ, го има 13-тото претседавање и последен пат претседаваше во втората половина на 2008 година.

Француското претседателство го означува и почетокот на новото претседателско трио, составено од Чешка, која ќе претседава во втората половина на годината и Шведска во првата половина на следната година.

Претседателската тројка беше воведена со Лисабонскиот договор за да се обезбеди континуитет на работата во Советот на ЕУ. Тројката поставува долгорочни цели и подготвува заедничка програма во која се идентификуваат темите и клучните прашања што треба да се решат од Советот во следните 18 месеци.

„Закрепнување, сила, припадност“ е слоганот што Франција го избра за шестмесечното раководство на Унијата.

Суверенитетот на Европа е клучна формула на француското претседателство и Макрон ја повторува уште од неговиот говор на Сорбона во 2017 година.

За Макрон, суверена Европа пред сè значи способност да управува со своите граници.

Заштитата на границите е неопходен услов за безбедноста на Европејците, за соочување со мигрантскиот предизвик и за избегнување на ситуации како што е хибридниот напад врз Белорусија, кој донесе илјадници мигранти од Блискиот Исток и ги испрати до границите на Унијата.

Затоа, реформата на правото на Шенген е еден од клучните приоритети на претстојното француско претседателство.

Париз сака да постигне договор за реформа на Шенген-кодексот во следните шест месеци, што не е нереално бидејќи не е потребно едногласност, туку квалификувано мнозинство во Советот на ЕУ и просто мнозинство во Европскиот парламент, што значително ја намалува можност за блокада.

Меѓу другото, Французите се залагаат за формирање на специјално тело на министри за внатрешни работи што ќе го координира управувањето со Шенген зоната, нешто како Еврогрупата, форум кој ги обединува министрите за финансии од еврозоната и го координира управувањето со прашањата за заедничката валута.

Во контекст на заштитата на европските граници, Франција ќе се обиде да го прекине ќор-сокакот на преговорите за нов миграциски пакт, за кој неуспешно се разговара со години.

Друг елемент на суверена Европа е одбранбената политика.

На самитот на ЕУ во март се очекува да биде усвоен Стратешкиот компас, документ со кој ЕУ сака да ја зголеми стратешката автономија во областа на одбраната и безбедноста, способноста и подготвеноста за дејствување и да ја зајакне отпорноста.

Макрон вели дека ЕУ треба да дефинира и заеднички да спроведе анализа на заканите со кои се соочува, дека треба да биде поамбициозна во одбранбената индустрија и да организира заеднички вежби.

Третиот клучен елемент на суверена Европа според Макрон е стабилноста и просперитетот на непосредното соседство.

Во тој контекст, Макрон најави дека во јуни ќе се одржи конференција за Западен Балкан, „кој е повеќе од сосед бидејќи е во срцето на Европа“.

Денес имаме посебна одговорност кон Западен Балкан. Треба повторно да се ангажираме таму, да инвестираме за да ја зајакнеме економската интеграција на регионот, да ја охрабриме размената меѓу луѓето и да се бориме со мешањето, манипулациите што ги тераат неколку регионални сили преку Балканот да сакаат да ја дестабилизираат Европа, рече Макрон.

Верувам дека овој договор, кој е политички и економски, претставува вистинска суверена агенда за нашата Европа, бидејќи нема да можеме да изградиме мирна Европа во следните 50 години ако го оставиме Западен Балкан каде што е денес, рече тој.

Африканскиот континент е вториот непосреден сосед кој ќе биде приоритет на француското претседателство. Во февруари во Брисел ќе се одржи самит на земјите-членки на ЕУ и институциите со Африканската унија, со цел да се постават нови основи за односите со континентот.

Еден од главните приоритети на Франција ќе биде изнаоѓање нов европски модел на економски раст, кој ќе определи каква ќе биде Европа на крајот на оваа деценија.

Ова треба да значи способност на ЕУ да произведува, да создава богатство и врвни иновации, да создава нови работни места и нови индустриски сектори како што се водородот, батериите и полупроводниците.

Вонреден самит посветен на економијата и дефинирање на нов модел на економски раст за оваа деценија ќе биде организиран во Франција во март.

Макрон најави дека француското претседателство ќе се осврне и на прашањето за вредностите, кое го вклучува владеењето на правото.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!