Вие имате прво да ја знаете вистината

Претседателите Путин и Ердоган разговараа за барањата на Русија кон НАТО

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган, чија земја е членка на НАТО, денес телефонски разговараа за барањата на Москва од Северноатлантската алијанса во врска со украинската криза.

Кабинетот на турскиот претседател соопшти дека двајцата претседатели „разговарале за мерките за подобрување на врските“ меѓу двете земји.

Кремљ објави дека претседателите „допреле и меѓународни прашања“, како што се обврзувачките договори кои ќе гарантираат безбедност за Руската Федерација и ситуацијата на Кавказ и решавање на кризата во Сирија и Либија.

Русија на Путин и Турција на Ердоган одржуваат партнерства и покрај различните, па дури и ривалски интереси на различни полиња како Сирија и Либија, каде што двете земји се важни фактори.

Русија и Турција се во сенка и од неодамнешниот вооружен конфликт на Кавказ меѓу Азербејџан, каде што се зборува турски, и Нагорно-Карабах, кој е поддржан од Ерменија, каде Русија има воена база.

Врските меѓу Москва и Анкара неодамна беа затегнати поради украинската криза, бидејќи Путин му се пожали на турскиот колега дека и испорачувал беспилотни летала на украинската армија, кои се користат против проруските сепаратисти во источна Украина.

Додека Западот со недели е загрижен за можна руска интервенција во Украина, обвинувајќи ја Москва за собирање војници и оклопни возила во близина на граничната зона, Анкара минатата недела го обвини Кремљ дека поставува „еднострани“ барања до НАТО.

Турција, која е членка на алијансата од 1952 година, го навлече гневот на НАТО во последните години бидејќи, иако членка, го купи рускиот систем за воздушна одбрана С-400.

Русија, која ги негира обвинувањата за планирање инвазија на Украина, на 17 декември ги обелодени предлозите кои ќе го ограничат влијанието на САД и НАТО врз соседните земји.

Во двата текста се предлага забрана за проширување на НАТО, особено за Украина и забрана за воени бази на САД во земјите од поранешниот Советски Сојуз.

Рускиот и американскиот претседател неодамна двапати телефонски разговараа за ова прашање, а Бајден и се закани на Русија со остри санкции во случај на воена интервенција.

На 12 јануари е закажана средба меѓу Русија и НАТО, а на 13 јануари проширена конференција со учество на Москва, Вашингтон и европските земји.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!