Вие имате прво да ја знаете вистината

Павле Трајанов: Не бараме министерско место но ќе бараме државата да биде една изборна единица, тоа е еден од условите на ДС за подршка на новата Влада!

Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов за денес попладне најави средба со мандатарот за состав на новата влада и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, со кој како што изјави, уште еднаш ќе разговараат за програмските приоритети  на партијата кои сакаат да влезат во владината програма. Ќе разговараме, потенцираше Трајанов, но ќе разговараме и за кадровските решенија и за барањето земјава да биде една изборна единица, од кои, како што најави тој, ќе зависи и поддршката на Демократскиот сојуз за новата влада.

Ковачевски треба да не информира за тие имиња што не се познати и да ги презентира. Затоа што и поддршката, не само на ДС, туку и на другите партии, исто така ќе зависи од кадровскиот состав на владата. Ако имаме предлози кои што не можеме да ги поддржиме тоа значи дека тоа јавно ќе го соопштиме. Очекуваме транспарентност. Во оваа фаза можеби не ќе може да се објавуваат предлозите бидејќи уште се разговара, но очекуваме да бидеме информирани ние како партии, а верувам и другите партии. Ако има некаква информација, мандатарот има можност да ги соопшти имињата претходно или тоа ќе го направи кога ќе го достави предлогот до Собранието на Репубика Македонија. Ако не се согласуваме, нема да гласаме, тоа е просто и едноставно. Ако не се сложуваме за програмските определби, за составот на владата тоа значи дека која било партија нема обврска да гласа, особено што сега има најмалку 64 пратеници во парламентарното мнозинство, некои од партиите може и да не ја поддржат владата, изјави Трајанов.

Тој, во изјавата дадена пред Уставниот суд по доставувањето на иницијатива за преименување на одредби од Изборниот законик, нагласи дека тие како партија не барале министерско место без ресор.

Ние сме против тоа како партија. Вештачки да градиме етнички баланс во владата тоа не го прифаќаме. Но, тоа инициравме и поддржуваме, можеби партиите на турската етничка заедница да имаат министер за странски инвестиции бидејќи може тој полесно да дојде до компании кои сакаат да инвестираат во Македонија, особено од Турција, меѓутоа и пошироко од Балканот. А за други министри апсолутно не прифаќаме да се шири на тој начин. Вие знаете дека има проблеми околу составот на владата затоа што владата нема да биде одраз на соодветна етничка застапеност, ќе има дебаланс, меѓутоа ќе видиме тој процес како ќе го изведе до крај мандаторот Ковачевски, изјави претседателот на Демократскиот сојуз.

Трајанов вели дека една од нивните програмски определби, за која се надеваат дека ќе биде дел и од владината програма, е земјава да биде една изборна единица, со што Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните.

ДС подготви измени во Изборниот законик. Таму дефинираме Македонија да биде една изборна единица. Повеќе политички партии се исто така предлагачи, освен ДС. Има поддршка од околу 20-тина пратеници и имаме начелен договор со ВМРО-НП, со ЛДП, со ДОМ и другите партии, партиите на турската етничка заедница и другите партии, и Левица е исто тука – потпишана е таа иницијатива. Имаме договор кога ќе се создадат услови во Парламентот веднаш да започне парламентарната расправа и тоа е еден од условите дали ќе ја поддржуваме новата влада или нема да ја поддржуваме. Така што, ако и натаму има развлекување или очекување сите партии да се сложат, никогаш нема да имаме консензус по ова прашање бидејќи постојано една од партиите е против, тие меѓусебно се договараат – во една прилика е ВМРО-ДПМНЕ е против, во друга СДСМ е против, во трета ДУИ… и тоа го развлекуваат, потенцираше Трајанов.

Тој нагласи дека колку што сега има информации СДСМ е за една изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ е за една изборна единица, а само уште кај  ДУИ има колебање.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!