Вие имате прво да ја знаете вистината

Запалена статуата на Сулејмани во југозападен Иран: „Тоа е груб и навредлив напад“

Непознати лица ја запалија статуата на Касем Сулејмани во југозападен Иран, поставена еден ден претходно во чест на моќниот генерал убиен на почетокот на 2020 година во американскиот напад во Ирак, објавија иранските медиуми.

„Статуата на генералот откриена во средата наутро во Шахрекорд, административен центар на провинцијата Чахар Махал-Бахтијари, беше запалена од непознати лица во текот на вечерта“, објави новинската агенција Исна.

Сулејмани, командант на елитната единица Кудс задолжена за надворешни операции како дел од Чуварите на револуцијата, идеолошката армија на Иран, беше убиен на 3 јануари 2020 година, во напад на американско беспилотно летало врз неговото возило во близина на аеродромот во Багдад.

По неговата смрт, иранските власти подигнаа неколку споменици во градовите низ земјата во негова чест.

„Тоа е груб и навредлив напад на статуата поставена по повод втората годишнина од смртта на генералот“, објави државната телевизија на својата веб-страница.

„Ова кукавичко злосторство извршено под превезот на ноќта потсетува на други злосторства извршени ноќе во близина на аеродромот во Багдад“, рече провинцискиот имам Мохамад Али Некунам во пораката што ја пренесе Исна.

Од петокот во Иран се одбележува годишнината од смртта на Касем Сулејмани, кој се слави како симбол на националното единство, а на 7 јануари е закажана презентација на „ракетните способности“ на земјата.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!