Вие имате прво да ја знаете вистината

Шокантни мемоари на Министерот за одбрана на Тони Блер: “Тие бараа од мене да го запалам тајниот документ дека нашиот напад врз Ирак е нелегален”

Поранешниот британски министер за одбрана Џеф Хун тврди дека му било кажано да го „запали“ тајното писмо во кое се наведува дека инвазијата на Ирак во 2003 година би можела да биде нелегална, пренесува Гардијан.

Помеѓу откритијата објавени во мемоарите на Хун, за кои критичарите велат дека дополнително ја доведуваат во прашање одлуката на британскиот двор да му ја додели титулата „Сер“ на поранешниот премиер Тони Блер, поранешниот министер за одбрана се сеќава на шефот на кабинетот на Блер, Џонатан Пауел, кој му наложил да запали документ.

Во исто време, според мемоарите „Види како тие трчаат“, тој бил под силен притисок од тогашниот началник на Генералштабот Мајк Бојс да му обезбеди правна основа со која Обединетото Кралство би можело да интервенира во Ирак, во отсуство на Резолуција на ОН.

Тој исто така тврди дека тогашниот јавен обвинител Лорд Голдсмит, во својство на главен владин правен советник и адвокат, му дал копија од прилично долга и сложена правна експертиза на оваа тема. Добив копија од Даунинг стрит под прилично мистериозни околности. Ми рекоа да не го покажувам никому или да не разговарам со никого. Не знам дали некој друг добил копија, рече Хун.

Тој додава дека правното мислење не било „лесно за читање“ и во документот се заклучува дека инвазијата на Ирак би била легална само доколку премиерот биде убеден дека тоа е во британски национален интерес.

„Не може да се каже дека тоа беше јасната правна основа што ја очекуваше шефот на воениот кабинет и не ми беше дозволено да му го покажам документот или да разговарам со него за неговата содржина“, напиша Хун.

Згора на тоа, кога мојот личен секретар Питер Воткинс го повика Џонатан Пауел во Даунинг стрит и го праша што да прави со документот, тој доби јасен одговор дека треба да се „запали“, додаде Хун, истакнувајќи дека документот на крајот не бил изгорен.

Заклучив дека треба безбедно да го складираме, во сефот на Министерството за одбрана, до кое пристап има само Воткинс. Колку што знам, документот веројатно се уште е во сефот, напиша Хун.

Во меѓувреме, Пауел негираше за Дејли Мејл дека предложил да се запали документот, тврдејќи дека, на барање на Лорд Голдсмит, тој побарал уништување на друга белешка.

Самиот Блер ги отфрли обвинувањата како „глупости“ кога тие првпат се појавија, во 2015 година. Тој се уште не одговорил на мемоарите на Хун.

Ова е „дополнителна потврда за она што долго време е познато – министрите, парламентот и јавноста беа заведени од г-дин Блер. Тој ги убеди да поддржат војна што многумина ја сметаа за нелегална и криминална“, изјави адвокатот за човекови права Филип Сендс за The New Arab.

Во книгата, поранешниот министер на Блер го опишува и понижувањето што го почувствувал откако бил отпуштен две години по почетокот на инвазијата на Ирак. „Блер ме информираше за тоа преку телефон наместо на средба лице в лице“, рече Хун.

Инаку, повеќе од 700.000 британски граѓани потпишаа петиција со која бараат одземање на титулата од Блер, но тој моментално ја има поддршката од лидерот на лабуристите Кир Стармер. Знам дека има остри ставови за војната во Ирак, имаше такви кога почна, ги има и денес, но тоа не го намалува фактот дека Тони Блер беше многу успешен премиер и ги промени животите на милиони луѓе во оваа земја, изјави Стармер.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!