Вие имате прво да ја знаете вистината

Грција го ограничи пристапот до некои места за секој што нема да добие бустер доза до 1 февруари

Сите оние кои нема да примат дополнителна или засилена доза на вакцина против Ковид-19 до 1 февруари повеќе нема да можат да пристапуваат до местата резервирани за вакцинирани лица во Грција, изјави грчкиот министер за здравство Танос Плеврис.

„Од 1 февруари сите оние кои не примиле дополнителна доза вакцина против коронавирус, а поминале 7 месеци од претходната, втора доза, ќе се сметаат за невакцинирани“, рече Плеврис на ТВ Ант1.

„Сертификатот сè уште ќе важи бидејќи е европски сертификат со важност 9 месеци, но овие луѓе повеќе нема да можат да ги користат поволностите како што е пристапот до внатрешните простори резервирани за вакцинирани лица“, додаде тој.

Во Грција, повеќе од 7 милиони од 11 милиони луѓе досега се вакцинирани против Ковид, а повеќе од 3,9 милиони луѓе ја примиле бустер дозата.

Соочена со нагло зголемување на бројот на заразени со варијантата омикрон, грчката влада најави серија нови рестриктивни мерки на 29 декември, вклучително и забрана за пуштање музика во барови и ресторани, за ограничување на новогодишните забави.

Работата од далечина во јавниот и приватниот сектор се зголеми од 20 на 50 проценти.

Маската FFP2 или две хируршки заштитни маски, една преку друга, станаа задолжителни за вработените во угостителството и за граѓаните кои одат во супермаркети или да се возат јавен превоз.

Од почетокот на пандемијата, во Грција се регистрирани вкупно 1.489.024 случаи на инфекција со коронавирус.

Атина и Солун, вториот по големина град во Грција, дом на речиси половина од вкупното население на Грција, се најпогодени од варијантата омикрон, велат властите.

На 14 декември, здравствените власти пријавија рекордни 130 смртни случаи од ефектите на Ковид за 24 часа. Бројот на дневни смртни случаи оттогаш падна под 100.

Во саботата како последица на Ковид починаа 65 лица, а во земјата досега се регистрирани 21.328 смртни случаи.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!