Вие имате прво да ја знаете вистината

Ковачевски за МИА: Со Петков очекувам да ги поставиме основите за натамошната соработка, која ќе ги надмине строгите историски рамки и термини

Мандатарот за состав на нова влада, Димитар Ковачевски во интервју за МИА изрази очекување дека со новиот премиер на Бугарија, Кирил Петков, кој на 18 јануари најави посета на земјава, ќе изгради конкретен и пријателски однос, со реторика меѓу двете држави која ќе биде на високо ниво.

При првата посета на Петков на Скопје, Ковачевски очекува да ги утврдат основите за натамошните разговори и формите на соработка и напредок, но и ширина на дејствување надвор од строго историски рамки и термини.

-Тоа е предуслов да напредуваме. Зближувањето и соработката меѓу двете земји во сите области од животот е важен предуслов за отстранување на сомневањата и погрешните перцепции. Јас сум подготвен да отвориме нова страница во односите со Бугарија и да изградиме искрено пријателство и подобра иднина за двете земји. Треба да се стиши гласот на омразата. Имаме реално повеќе сличности од разлики како држави и мора да се концентрираме на заедничкиот интерес. Само со ваков пристап ќе бидиме запаметени како лидери кои балканските конфликти ги надминале со европски пристап. Преку политика на взаемно почитување, градење иднина, соработка и компромиси, истакна Ковачевски во интервјуто за МИА.

Тој нагласи дека двете земји имаат огромен потенцијал за развивање на конкретна соработка во повеќе области: економија, инфраструктура, туризам, образование и култура, помош во европските интеграции и зближување на нашите народи и граѓани.

Ковачевски вели дека во целиот тој процес не би отстапил од правото на самоопределување и посебниот идентитет и јазик, што е неотуѓиво право на секој народ.

-Затоа во преговорите не можеме да правиме отстапки околу тоа дека сме Македонци од Република Северна Македонија кои зборуваат македонски јазик и имаат посебен идентитет. Тоа е отсликано и во Декларацијата, која ја усвои нашето Собрание со поддршка од сите партии, вели Ковачевски.

На самиот крај е составувањето на новата влада, која ќе ја предводи тој, вели во интервјуто за МИА и без да каже конкретни имиња за првите луѓе во министерствата, Ковачевски напомена дека секој е заменлив, особено доколку во одреден момент повеќе не е на висина на задачата.

-Тоа е основен принцип на ефикасно управување и новата влада ќе се води по него. Што се однесува до новиот владин состав и ресорите со кои ќе раководи СДСМ, станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација и резултати во своите ресори. Од сите нив очекувам максимално посветена работа, остварување на ветеното и фокус на приоритетите од програмата, истакна Ковачевски.

Примарен фокус на неговата влада во следните три месеци, како што посочи ќе биде ставен на нашиот одговор на енергетската криза, а веќе е подготвен и план. Тој лично во кризата гледа шанса конечно како држава да направиме енергетска транзиција и да фатиме нов правец за енергетска самостојност и самоодржливост.

Ковачевски најави и подготовка на сетови на антикризни мерки кои ќе дадат силен стимул за компаниите и ќе бидат поткрепа за семејниот буџет на граѓаните. Тој додава дека во буџетот веќе има слободни 130 милиони евра и во наредниот период следуваат антикризни мерки за помош и на граѓаните и на стопанството.

Во интервјуто за МИА истакнува дека очекува континуиран раст на вкупната економија со стапки од најмалку 4,6 отсто до 5,9 отсто годишно.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!