Вие имате прво да ја знаете вистината

Дискусија за Рамката за развој #МКД2030: Намалување на аерозагадувањето и воспоставување на интегриран систем за управување со отпад, меѓу приоритетите за животна средина

Да се намали аерозагадувањето, да постои интегриран систем за управување со отпадот и ригорозна контрола врз индустријата, да се подобри квалитетот на водите, заштитата на шумите и биодиверзитетот, да се создадат одржливи системи за производство на храна и да се преземе поголема климатска акција, се дел од приоритетите кои беа нотирани на денешната јавната дискусија во врска со изработката на Рамката за развој #МКД2030 во областа на животната средина, процес кој го води претседателот Стево Пендаровски.

Приоритетните области во кои треба засилено да се работи, како што беше истакнато на дискусијата, се климатските промени, циркуларната економија, квалитетот на воздухот. управувањето со отпадот и со водите, индустриското загадување, почвата и одржливите системи за храна, заштитата на природата, биолошката разновидност и шумарството.

– Меѓу целите и приоритетите кои треба да се постигнат се намалувањето на загадувачките материи во воздухот во рамки на националните гранични вредности и воспоставувањето мониторинг станици кои постојано ќе работат. Потребно е сите јавни објекти да се греат на незагадувачки начин, за домаќинствата да има повеќе можности за енергетска независност и продажба на вишокот струја и да се зголеми обемот на урбаното зеленило, нагласија говорниците.

До 2030 година, според нив, треба да се воведе интегриран систем за управување со отпадот низ целата држава, да има можности за компостирање, селектирање, рециклирање и реупотреба на отпадот, како и негово искористување за добивање енергија.

– Меѓу целите и приоритетите во животната средина се и оние за намалување на загаденоста на реките и езерата, укинување на повластените тарифи за енергија од малите хидроцентрали и подобрување на мониторинг мрежата за квантитет и квалитет на водите, беше нагласено при дискусијата.

Познавачите на состојбите велат дека е потребна трансформација на индустријата за да се намалат емисиите на стакленички гасови и целосно да се третираат отпадните води пред да се испуштат, како и да се реши историското загадување на жешките еколошки точки по државата

– Треба да се запре губењето на биодиверзитетот и да се заштитат природните живеалишта и вредности, а 30 проценти од територијата да се прогласи за заштитени подрачја, наведоа говорниците на дискусијата.

Одржливите системи за производство на храна, според нив, треба да имаат особено фокус на малите семејни земјоделски стопанства, целосно да се применува добрата земјоделска пракса и да се зголеми органското производство и локалното вработување во рурален туризам и агро-бизниси.

Стручњаците сметаат дека е неопходно да се донесе Закон за климатска акција, фосилните горива да се заменат со обновливи извори на енергија, да се отвораат зелени работни места, да се воведе образование за климатски промени и да се спроведуваат кампањи за промена на свеста и навиките.

Меѓу проблемите кои се однесуваат за сите области во животната средина, беа наведени минорната распределба на пари од државниот буџет, неспроведувањето на легислативата, невладеењето на еколошкото право, неказнивоста на сторителите и корупцијата, нетранспарентноста при издавањето концесии за користење на природните ресурси и неефективниот инспекциски надзор на државно и општинско ниво.

Сумирано, општите цели кои треба да се постигнат во сите области се: носителите на одлуки да го стават јавниот пред приватниот интерес во носењето на одлуки во врска со животната средина, зајакнување на капацитетите на судиите и обвинителите за спроведување на националната и меѓународната легислатива за заштита на природата и животната средина, сериозно зголемување на бројот и опременоста на инспекторите, воспоставување мерки за борба против корупцијата, зајакнување на капацитетите на администрација на централно и локално ниво за спроведување на легислативата, како и едукативни кампањи за менување на свеста и навиките.

Претседателот Пендаровски на дискусијата потенцираше дека токму сега е вистинското време да го преосмислиме економски концепт за развој, да ги преосмислиме постулатите за нашиот економски-социјален човечки раст и развој и да изградиме долгорочна визија и конкретен план за тоа каде сакаме да бидеме за десет, дваесет или триесет години.

– Кога зборуваме за животната средина и одржливиот развој се отвораат повеќе прашања, од загаденоста на воздухот, водата и почвата, до управувањето и еколошката преработка на отпадот, правилно управување со природните ресурси, инвестирањето во заштитените подрачја, воспоставување и одржување еколошки стандарди во индустријата, зачувување на биодиверзитетот. Исто така не смееме да заборавиме дека аграрните политики кои ги развиваме како држава директно влијаат на животната средина и одржливиот развој. Во таа насока и инвестирањето во одржливи системи за производство на храна и земјоделски практики кои ја зголемуваат продуктивноста влијаат за подобра или полоша животна средина, нагласи претседателот.

Пендаровски потсети дека на неодамнешниот самит во Глазгов како држава преземавме одговорност и обврски за климатска акција и намалување на емисиите на стакленички гасови и веќе, како што рече, денес треба да размислуваме за сигурен, ефикасен, еколошки и конкурентен енергетски систем што е способен да го поддржи одржливиот економски раст на земјата, но и генерално да размислуваме за нови модели на економскиот развој.

Тој оцени дека при заедничка работа ќе може да се утврди кои треба да бидат нашите приоритети во областа на животната средина, препораките каде треба да бидат насочени инвестициите во ресурси и човечки капитал, како и интервенциите во законските и подзаконските акти таму каде што е неопходно.

– Длабоко сум уверен дека Рамката за развој #МКД2030ќе ја постигне целта доколку успееме преку неа да ја подигнеме свеста за одреден прашања во државата и да покренеме процес на мобилизација на ресурси со кои ќе се насочат инвестициите во приоритетните области утврдени со широк општествен консензус, а со крајна цел прогрес и подобар живот за сите граѓани. Верувам дека здружени можеме да ја постигнеме таа цел, заклучи Пендаровски.

Јавната дискусија ја организираше Институтот за комуникациски студии во рамките на неговата кампања „Разбистри сè“, која е поддржана од Британската амбасада во Скопје.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!