Арсенал, најголемата фабрика за оружје во Бугарија, одлучи да ги испрати вработените на принуден одмор поради прекумерното поскапување на струјата и епидемијата со коронавирус, пишува Анадолија.
Николај Ибушев, генерален директор на компанијата, која е најголемиот работодавец во јавниот сектор во Бугарија, објави за Бугарското национално радио (БНР) дека повеќе од 8.000 вработени ќе бидат на одмор од 17-ти јануари до 11-ти февруари, оваа година.
Ибушев изјави дека одлуката за привремено затворање е последица на константните поскапувања на суровините и енергенсите, како и брзото ширење на омикрон сојот од коронавирусот. Исто така, кажал дека се зборувало за нов, четиридневен работен распоред во компанијата, но тоа не било прифатено, а причината била, непродуктивна алтернатива за вработените.
Компанијата Арсенал, која е основана во градот Русе во 1891 година, за време на Османлиско-руската војна, во 1924 година била преместена во Казанлак, централна Бугарија.