Вие имате прво да ја знаете вистината

Макрон: Европа не може да му сврти грб на Западен Балкан

На почетокот на француското претседателство со Европската унија, претседателот Емануел Макрон рече дека ЕУ мора да ги преиспита односите со Западен Балкан и да понуди „искрени“ можности за приклучување кон блокот.

Макрон вели дека Европа не може да му сврти грб на Западен Балкан и на трагичното минато, но и на светлата иднина во срцето на европскиот континент.

– Имаат рани, кои ни покажуваат колку мирот може да биде кревок и колку може да биде силен нашиот сојуз. Затоа денеска сакаме да размислуваме за нашите односи со земјите од Западен Балкан, и да им дадеме јасна перспектива за влез во Европската унија – рече Макрон.

– Мораме да бидеме политички искрени кон Европа, Европа со место за земјите од Западен Балкан, мора повторно да го погледнеме начинот на кој функционира Европа и обликот на Европа. Затоа конференцијата за иднината на Европа треба да се поврзе со конференцијата за Западен Балкан – додаде францускиот претседател.

Макрон рече дека земјите од Европската унија мора да работат заедно на нов договор за стабилност и безбедност, за кој потоа би можеле да разговараат со Русија, пренесува „Свис инфо“.

Осврнувајќи се на „напорите за дестабилизација“ на континентот, Макрон, говорејќи додека Франција го презема претседавањето со ЕУ, рече дека Европа сака да најде политички одговор на конфликтот во Украина.

„Безбедноста на нашиот континент не смее да биде доведена во прашање“, рече Макрон, мислејќи на Русија, додавајќи дека Европа мора да ги дефинира сопствените безбедносни стандарди.

Претходно американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој допатува на разговори во Киев, предупреди дека Русија може да изврши нов напад „за многу кратко време“.

ЕУ, исто така, мора да им предложи нов сојуз на африканските земји, рече тој, додавајќи дека ЕУ и африканските земји ќе разговараат за ова прашање на самитот во февруари.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!