Вие имате прво да ја знаете вистината

Германските обвинители истражуваат случаи на сексуална злоупотреба во Католичката црква

Германското државно обвинителство во Минхен започна истрага за 42 случаи во кои водачите на католичката црква, наводно, не постапиле откако вчера беше објавена пријава за сексуална злоупотреба во надбискупијата Минхен и Фрајзинг.

Адвокатската фирма Вестпфал, Спилкер Вастл (ВСВ), која го подготви извештајот за надбискупијата, достави материјали поврзани со случаите до канцеларијата на јавното обвинителство во два наврати, во август и ноември 2021 година, изјави портпаролката на обвинителот Ен Лејдинг за ДПА.

Извештајот објавен вчера, за замижување пред случаите на сексуална злоупотреба на деца, во кој се наведува дека тогашниот надбискуп Џозеф Рацингер, подоцна папа Бенедикт Шеснаесетти, кој поднесе оставка во 2013 година, знаел за злоупотребата, но не направил ништо, ја потресе католичката црква и Ватикан.

Почесниот папа Бенедикт Шеснаесетти, кој живее затскриен живот во Ватикан откако се пензионираше, е еден од тројцата германски кардинали обвинети дека не презеле соодветни мерки во врска со сексуалната злоупотреба. Како кардинал Џозеф Рацингер бил надбискуп на Минхен и Фрајзинг помеѓу 1977 и 1982 година.

Рацингер и неговиот наследник на функцијата, Фридрих Ветер, се обвинети во извештајот за директно и лично недолично однесување. Во извештајот се наведува дека меѓу 1945 и 2019 година имало најмалку 497 жртви и 235 наводни сторители на злоупотреба.

Наводната одговорност на Рацингер се посочува во врска со четири случаи на злоупотреба.

Актуелниот надбискуп на Минхен и Фрајзинг, кардинал Рајнхард Маркс, е обвинет за неактивност во врска со два случаи.

Критичарите долго време го обвинуваат Бенедикт Шеснаесетти дека не постапил за сексуална злоупотреба, а посебно внимание е посветено на свештеникот од Северна Рајна-Вестфалија за кого, откако Папата дознал за злоупотребата, бил префрлен во надбискупијата во Минхен и одобрена му е дополнителна пасторална работа. Тој подоцна, наводно, извршил и други случаи на злоупотреба.

Бенедикт негираше дека присуствувал на состанок во 1980 година на кој свештеникот од Есен бил префрлен во Баварија по два случаи на сексуална злоупотреба, но WSW во извештајот тврди дека Рацингер присуствувал на состанокот.

„Штетата на угледот на Бенедикт е голема, особено затоа што тој отсекогаш се прикажувал себеси како борец против сексуалната злоупотреба во црквата“, рече католичкиот теолог Даниел Богнер.

Епископот Франц-Јозеф Овербек од епархијата Есен повика на акција во петокот по објавувањето на извештајот.

Денеска јасно гледаме дека треба да се преземе одговорност“, изјави тој за ТВ каналот ЗДФ. Тоа значи дека „Ватикан и папата Бенедикт исто така треба да заземат став за ова“, додаде тој.

Папата Франциско во петокот повика на строга примена на канонското право за спречување на вакви случаи во католичката црква.

„Црквата, со Божја помош, ја продолжува својата посветеност да обезбеди правда за жртвите злоупотребени од нашите членови, применувајќи го со посебно внимание и строго пропишаното канонско право“, рече Франциско.

Ватикан во четвртокот повтори дека чувствува „срам и каење“ за сексуалната злоупотреба на малолетници од страна на свештеници, по објавувањето на независен извештај во кој се доведуваат во прашање постапките на почесниот папа Бенедикт Шеснаесетти.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!