Вие имате прво да ја знаете вистината

Израелска студија: четвртата доза обезбедува ограничена заштита од омикрон, не го спречува ширењето на заразата

Израелската болница Шеба во понеделникот соопшти дека прелиминарната студија покажала дека четвртата доза од вакцината против коронавирус постигнува само ограничена заштита од варијантата омикрон, која се шири низ светот, пишува агенцијата АП.

Болницата Шеба почна да дава четврта доза на здравствените работници минатиот месец. Вакцинирани се 274 лица, 154 ја примиле вакцината Pfizer-BioNTech и 120 Moderna. Сите претходно биле вакцинирани три пати со Pfizer-BioNTech.

Клиничките истражувања покажаа дека и двете групи имале зголемување на антителата „во малку поголем број“ отколку по третата доза од вакцината минатата година. Но, се покажа дека поголем број на антитела не го спречуваат ширењето на омикронот.

„И покрај зголеменото ниво на антитела, четвртата вакцина нуди само делумна заштита од вирусот“, вели д-р Гили Регев-Јочај, директорка на клиниката за инфективни болести во болницата. – „Вакцините кои беа најефективни против претходните варијанти нудат послаба заштита од омикрон“.

„Луѓето се заразуваат со вирусот, можеби во малку помал број во споредба со оние од контролната група, но разликата е незначителна“, потврди Регев-Јочај за Jerusalem Post. Таа предупреди дека „ова се „многу прелиминарни“ резултати кои сè уште не се подготвени за објавување, но дека се објавуваат во јавноста поради итноста на ситуацијата“.

Прелиминарните резултати покренаа прашања во врска со одлуката на Израел да им понуди на пациентите втора засилена доза и вкупно четврта на своето население над 60-годишна возраст. Владата вели дека над 500.000 луѓе примиле втора засилена доза во последните недели.

Д-р Нахман Еш од израелското Министерство за здравство рече дека истражувањето не покажало дека четвртата доза од вакцината била грешка. – „Го враќа нивото на антителата на она од почетокот на третата доза. Ова е од големо значење, особено кај постарата популација“, изјави тој за Channel 13 TV.

Но, тој рече дека истражувањето ќе биде земено во предвид кога властите ќе разговараат дали дополнителната т.н. „booster“ камања да се засили за пошироката популација.

Израел беше една од првите земји минатата година зголемено го вакцинираше своето население, а минатото лето стана првата земја што понуди засилена т.н. „booster“ доза. Оваа „booster“кампања за вакцинирање постари Израелци се смета за прва од ваков вид во светот.

Жестокиот пристап на Израел за вакцинацијата не успеа да го спречи ширењето на варијантата омикрон во последниве недели. Оваа варијанта постигна рекордно ниво на инфекција и испрати рекорден број луѓе во болница, иако бројот на тешко болни остана под оној од претходните бранови.

Тоа принуди голем број Израелци да одат во самоизолација, затворајќи училишта и продавници.

Омикрон е веќе доминантен во многу земји и може да ги зарази оние кои биле вакцинирани или претходно биле заразени со претходни варијанти на вирусот.

Студиите покажуваат дека омикрон сојот има помала веројатност да предизвика тешка болест како претходната делта варијанта. Вакцинацијата и т.н. „booster“ доза сè уште нудат силна заштита од сериозна клиничка слика, хоспитализација и смрт.

Во вторникот, израелската влада соопшти дека го скратува задолжителниот период на самоизолација од седум на пет дена со намера да ѝ помогне на економијата да не се откаже поради големиот број на самоизолирани луѓе.

„Оваа одлука ќе нѝ овозможи да продолжиме да го штитиме јавното здравје од една страна, и да ја одржуваме економијата од друга страна, за да можеме безбедно да го поминеме овој бран, иако е тешко“, рече премиерот Нафтали Бенет.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!