Организацијата на НАТО го отфрли барањето на Русија за повлекување на сојузничките трупи и затворање на базите во Бугарија и Романија.
Портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску, го коментираше барањето јавно упатено од руското Министерство за надворешни работи денеска до алијансата.
„НАТО нема да ја загрози способноста на сојузниците да се заштитат и бранат меѓусебно, вклучително и присуството на војници во источниот дел на алијансата“, рече Лунгеску.
Наведувајќи дека задоволувањето на барањето на Русија ќе создаде првокласни и второкласни членки на НАТО, Лунгеску рече дека нема да го прифатат.
– Ја отфрламе идејата за воспоставување на какви било сфери на влијание во Европа. Секогаш ќе одговориме на влошувањето на нашата безбедносна средина, вклучително и зајакнувањето на нашата колективна одбрана. НАТО е будно и продолжува да ја проценува потребата од зајакнување на источниот дел од нашата алијанса, рече Лунгеску.
На сајтот на руското МНР е објавен коментар на прашањето, што за Бугарија и Романија значи барањето на Русија НАТО да се врати во распоредот од 1997 година.
Во коментарот се вели дека Русија сака странските сили, опремата и оружјето да се повлечат и да преземе други чекори за воспоставување ред во земјите кои не беа на патот кон членство во НАТО во 1997 година.