Вие имате прво да ја знаете вистината

Формирани работните групи за претстојната заедничка седница на владите на Македонија и Бугарија

Завршуваат последните подготовки пред меѓувладината седница на Македонија и Бугарија, која треба да се одржи во вторник, на 25 јануари во Софија. Формирани се работните групи и од двете страни, а назначени се и нивните копретседавачи.

Македонија и Бугарија во периодот што претстои, а во рамки на новата динамика на соработка, која ја најавија двајцата премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков, треба преку состаноците на работните групи да ги приближат позициите во повеќе сфери, да се фокусираат на она што е практично остварливо во моментот, а со тоа да се отвори пат и за пронаоѓање решенија за потешките прашања и конечно надминување на спорот и одблокирање на почетокот на првата меѓувладина конференција на Македонија и Европската Унија.

Двете влади формираа четири работни групи. Владата на Македонија ги формира групите за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование, додека во соопштението на бугарската Влада е наведено дека се формирани групи за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европската соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација и владеење на правото и за културата, науката и образованието и младите.

Копретседавачи на првата група од македонска страна се вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, Фатмир Битиќи,  министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши. Од бугарска страна со оваа група ќе копретседаваат заменик-премиерот за економија и индустрија и министер за економија, Корнелија Нинова, вицепремиерот за еврофондовите и министер за финансии, Асен Василев и министерот за иновации и раст, Даниел Лорер.

Со втората група од македонска страна ќе копретседаваат министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, додека од бугарска вицепремиерот за регионален развој и јавни работи и министер за регионален развој и јавни работи Гроздан Караџов, министерот за транспорт и врски Николај Сабев и министерот за енергетика Александар Николов.

Копретседавачи на третата работна група од македонска страна се вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини. Од бугарска страна со оваа група ќе копретседаваат вицепремиерот за климатски политики и министер за животна средина и води Борислав Сандов, вицепремиерката за ефикасно владеење Калина Константинова и министерката за правда Надежда Јорданова.

Со четвртата работна група од македонска страна ќе копретседаваат првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, додека од бугарска министерот за образование и наука Николај Денков, министерот за култура Атанас Атанасов, министерот за туризам Христо Проданов и министерот за млади и спорт Радостин Василев.

Во работните групи ќе членуваат и претставници од ресорните министерства и институции, а копретседавачите ќе ротираат согласно тематиката, која ќе биде ставена на дневен ред на состаноците.

Премиерите најавуваа пет работни групи, петтата е историската, но двете влади не формираа засебна работна група, а според она што го кажаа Ковачевски и Петков на прес-конференцијата во Скопје, оваа област ја покрива Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, но не прецизираа дали ќе остане да работи во сегашниот формат.

На заедничката прес-конференција во Скопје за време на посетата на Петков, Ковачевски нагласи дека историската Комисија веќе има свој план за работа и врз основа на тоа што го имаат сработено и историчарите кои се членови на таа комисија ќе треба да информираат за тоа што го договориле.

– Што се однесува до историската комисија гледате дека овде нема претставници на историската Комисија. Значи, историчарите работат во еден подолг процес, бидејќи се работи сега и за период во минатото којшто тоа го прават врз основа на методологија и врз основа на дефинирање на одредени факти што ги имаат регулирано согласно методологијата и јас лично се надевам дека прво, членовите на историската Комисија ќе информираат заеднички за тоа што е договорено и дека тоа што заеднички е договорено ќе биде мост кон иднината, а не враќање кон минатото, рече Ковачевски на прес-конференцијата.

Петков, пак, истакна дека за разлика од досегашниот пристап, сега на неделни средби ќе се разговара з а реалните можности на сите комисии, вклучително и на историската комисија.

– Врз база на тоа што и Димитар го кажа, дека ќе се фокусираме на работите кои не зближуваат, а прашањата кои не се разјаснети ќе им дадеме и подолг рок тоа да се случи. Но, важно е да се работи, да се среќаваме и да бидеме во постојана комуникација, изјави Петков на прес-конференцијата во Скопје.

Според она што го најавија двајцата премиери во претстојниот период и преку состаноците на овие работни групи историјата ќе биде ставена во втор план, фокусот ќе биде на градење на добрите односи  меѓу граѓаните на Македонија и Бугарија, зајакнување на соработката во повеќе сектори, како и на добрососедство мерливо според постигнати цели и резултати. Најавена е динамична работа на работните групи, секоја недела една од групите да има состанок. Приближувањето ќе се спроведува прагматично, најпрво онаму каде што нема препреки, а веќе како прв проект е најавено воведувањето на директната авиолинија Скопје-Софија, што како што рече Петков во Скопје би се реализирал за два месеца.

Министерот за економија Крешник Бектеши во петокот изјави дека двете страни најверојатно можат многу лесно да се усогласат на меѓувладината седница во делот на економијата.

-Во делот на економијата, трговијата, енергијата ги направивме сите подготовки. Ќе одиме в понеделник, вторник во Република Бугарија со конкретни предлози и конкретни договори и меморандуми што би ги потпишале. Ќе ја слушнеме и нивната страна кои се нивните предлози и најверојатно во делот на економијата можеме многу лесно да се усогласиме, рече Бектеши.

Меѓувладината седница ќе ја одреди динамиката и календарот на активности на групите, а бугарскиот премиер Петков, во коментар на односите на Бугарија со земјава, истакна дека нема да се губи ниту минута за да се претворат новите заложби во вистински резултати, најавувајќи изработка на план со реални достигнувања што треба да се постигнат во следните шест месеци.

Она што двајцата премиери успеаја да го договорат за време на состаноците во Скопје е користењето на краткото име Македонија, подеднакво како и долгото Република Македонија, што беше едно од барањата во патоказот пет плус еден. Но, како што, наведе претседателот Стево Пендаровски неодамна во интервју за ТВ 24 новиот пристап во соработката значи и нова методологија за работа, така што де факто нема повеќе план 5+1, кој произлезе по, како што рече, пропаднатиот Лисабонски предлог и тој е надвор од маса.

Меѓународната заедница будно ги следи случувањата на релација Скопје-Софија и посетата на Петков и она што двајцата премиери го соопштија по средбите, наиде на позитивни реакции, како од Европската Унија, така и од САД, со очекувања дека двете земји ќе се приближат до решение на спорот и деблокирање на евроинтегративниот процес на Македонија.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!