Вие имате прво да ја знаете вистината

Започнува втората зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Втората зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје започнува денеска. Свеченото отворање на Школата ќе се одржи утрово преку платформата Зум, при што поздравно обраќање ќе има ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, по што ќе се обрати и директорката на МСМЈЛК проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Преку виртуелна настава, над 40 странски македонсисти и слависти од 17 земји, во период од 24 до 29 јануари ќе ги продлабочат своите познавања и ќе согледаат нови предизвици за своите проучувања за македонскиот јазик, литература и култура. Веднаш по отворањето, Школата ќе започне со интензивна работа – секој ден, од понеделник до сабота, за секоја група ќе се одржуваат по шест часа. Организирани се лекторски групи за сите нивоа – почетно, средно и напреднато и тоа напреднатото со две поднивоа, за јазик, и за литература.

– Пријавени се учесници од универзитетските центри од Австралија, Бугарија, Велика Британија, Грција, Италија, Полска, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска, Чешката Република и Швајцарија и тоа како истакнати имиња на славистиката, универзитетски професори со долгогодишно искуство и автори на референтни истражувања на европската и светската филологија. Млади истражувачи – слависти и македонисти, меѓу коишто се и студенти на прв циклус студии – идни афирматори на македонскиот јазик, литература и култура во светот, информираат организаторите на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Зимската школа на МСМЈЛК при УКИМ првпат се одржа минатата година, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на големиот јубилеј, 100 години од раѓањето на Блаже Конески и значајно дополнување на редовните активности на МСМЈЛК при УКИМ, особено на Летната школа, којашто традиционално се одржува во Охрид и годинава ќе одбележи голем јубилеј – 55 години.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!