Вие имате прво да ја знаете вистината

Повеќе ранети во нападот на најстариот универзитет во Германија, насилникот се самоуби

Неколку лица се повредени попладнево во напад на маж со огнено оружје во амфитеатар на Универзитетот во Хајделберг во југозападна Германија, соопшти локалната полиција, додавајќи дека напаѓачот дејствувал сам, а потоа си го одзел животот.

„Едно лице рани неколку лица во амфитеатарот со долго огнено оружје“, се вели во соопштението на полицијата во Манхајм, додавајќи дека напаѓачот потоа се самоубил.

Засега не се наведува точниот број на ранети или колку сериозно се ранети. Локалниот весник Рајн Некар Цајтунг објави дека четири лица се повредени.

Според јавниот сервис Südwestrundfunk (SWR), универзитетот побарал од своите студенти по е-пошта да не одат во кампусот во областа Нојенхајмер Фелд засега. Сепак, според SWR, „нема да има повеќе непосредна закана“.

На овој универзитетски кампус, на северниот брег на реката Некар, има првенствено природни факултети, одделенија на Универзитетскиот болнички центар и Ботаничката градина.

Според весникот „Билд“, напаѓачот е студент кој откако повредил неколку лица, го свртел оружјето кон себе. Истражителите проценуваат дека напаѓачот немал верски или политички мотив, додава Билд.

Полицијата верува дека напаѓачот дејствувал сам.

Германските закони за огнено оружје беа заострени по двата напади на училиштата во Ерфурт во април 2002 година и во Виненден во март 2009 година.

Полицијата претходно соопшти дека распоредила силни сили и служби за итни случаи на местото на настанот во делот од градот каде се случи нападот.

Универзитетот во Хајделберг е најстариот германски универзитет, основан во 1386 година.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!