Вие имате прво да ја знаете вистината

Аеродромот во Тонга исчистен од пепел и безбеден за слетување, конечно пристигна хуманитарна помош

Хуманитарната помош за Тонга се зголемува откако аеродромот е исчистен од пепел и е безбеден за слетување на авиони, соопшти денес Црвениот крст, десет дена откако вулканска ерупција и цунами го опустошија јужниот пацифички архипелаг.

Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC) соопшти дека со дополнителни залихи, нејзиниот персонал и волонтерите го зголемуваат снабдувањето со вода за пиење и поставуваат засолништа на бројни острови во земјата.

„Оваа катастрофа го потресе народот на Тонга како ништо досега“, рече во изјавата Сионе Таумоефолау, генерален секретар на Црвениот крст на Тонга. „Цунамито збриша куќи и села, но ние веќе се опоравуваме среде пепелта.“

Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) соопшти дека Соединетите држави обезбедуваат дополнителни 2,5 милиони долари хуманитарна помош, а разурнувачот УСС Сампсон, дел од мултинационалните напори, пристигна оваа недела за поддршка на хуманитарните операции во Тонга.

Австралискиот воен брод пристигна во Тонга и испорача помош без контакт со луѓе, откако беа регистрирани дваесетина случаи на ковид-19 меѓу екипажот. Во Тонга до вчера вечерта не беа регистрирани забоелни од ковид-19.

Radio Broadcom Broadcasting го цитираше министерот за здравство на Тонга, Саи Пиукала, кој рече дека биле пријавени 29 позитивни случаи на бродот HMAS Аделаид, но ниту еден од заразените нема симптоми.

„Бродот ќе се закотви и нема да има никакви контакти“, рече Пиукала. „Австралијците од бродот ќе го растовараат својот товар и ќе отпловат од пристаништето“.

Обединетите нации, Црвениот крст и другите хуманитарни агенции на теренот во Тонга предупредија дека доколку се рашири епидемијата на Ковид-19 на островот во овој момент, тоа ќе биде катастрофално.

„Постои итна потреба луѓето да имаат пристап до безбедни извори на вода во деновите и неделите што доаѓаат“, рече Таумоефолау. „Пепелта се акумулираше во резервоарите за вода, потребно е време да се сталожи и внимателно се третира пред употреба.

Ерупцијата на вулканот Хунга Тонга-Хунга Хаапаи предизвика цунами што уништи села и одморалишта и ја прекина комуникацијата во земја која има 105.000 жители. Пријавени се три загинати лица, соопштија властите.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!